Нема да го коментираме францускиот предлог и нема да биде предмет на дискусија затоа што сè уште не е усогласен од страна на сите 26 земји членки на ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Тој истакна дека МНР има увид во предлогот и најискусните дипломати и експерти во Министерството прават анализа на предложените документи.
„Го следиме развојот на настаните во бугарскиот парламент и ако таму биде усвоен и кога ќе биде усвоен и доставен официјално со Република Северна Македонија тогаш нормално дека тој ќе биде предмет на анализа во детали и споделен со институциите во државата“, рече Ковачевски.
Прашан дали е прифатливо јазикот во преговарачката рамка да се декларира по пат на еднострани декларации од Македонија и Бугарија, премиерот одговори дека македонскиот јазик мора да биде чист македонски јазик во преговарачката рамка.
Ковачевски и коалициските партнери на денешниот состанок потпишаа Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза.
Со декларацијата владејачката коалиција го реафирмираше ставот дека следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин, односно во 2024 година.
Во однос на надворешната политика, заеднички се потврдени и позициите дефинирани во резолуцијата усвоена во македонскиот парламент и посветеноста во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот Рамковен Договор, Преспанскиот Договор, Договорот за добрососедство со Република Бугарија како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите.
Владините партнери целосно ги отфрлија, како што велат, деструктивните политики на дел од опозицијата за блокади на институциите и ги повика да ги преиспитаат и променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом.
Политичкиот дијалог со опозицијата треба да се одвива на конструктивно ниво, во рамки на демократски избраните институции околу прашањата од највисок национален интерес, е ставот наведен во декларацијата каде најавите блокада на законодавната власт се оценуваат како неразумни и во најлош можен тајминг и целосно против интересите на македонските граѓани и држава.