Владата на денешната 52 седница донесе Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со која се определува највисоката трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало, соопштија владините служби.
Со оваа одлука, која е донесена по претходна консултација со бизнис заедницата и во координација со надлежните институции и која започнува да се применува од утре, за леб бел-сечен на парчиња или цел, за шеќер бел како и за сончогледово масло за јадење, со исклучок на ладно цеденото, се утврдува трговска маржа во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало, појаснуваат од Владата.
„За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, за макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, за трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и за јајца од кокошка, за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало“, е нагласено во владиното соопштение.
Според оваа одлука, како што дообјаснуваат, за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови во примарни и секундарни позиции.
Оваа одлука на Владата за замрзнување на маржата на одредени производи е со цел, како што велат, за ограничување на растот на цените, која има за цел да го заштити стандардот на граѓаните, и е со важност до 30 септември 2022 година, со можност да продолжи до крајот на годината доколку условите на пазарот со цените тоа го бара.