Сајбер безбедноста е процес кој мора да го реализираме паралелно со процесот на дигитална трансформација на општеството. Имаме обврска да изградиме доверба кај граѓаните во дигиталните услуги, а тоа ќе го постигнеме само ако обезбедиме сигурност и доверба дека користењето на дигиталните услуги е безбедно и дека нема да ја наруши приватноста на граѓаните. Ова го порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешниот Форум за дигитална безбедност на Западен Балкан, што се одржува во Талин Естонија.
„Имајќи ги на ум последните геополитички активности, агресијата врз Украина ја подигна потребата за заеднички активности и акции во областа на сајбер безбедноста. Неопходно е заедно и на меѓународен и на домашен план да создадеме сојузништво и координиран пристап во сајбер безбедноста, зашто тоа не е прашање кое е ограничено во границите на една држава, туку многу пошироко. Под притисок на моментот мора преземеме акции веднаш, континуирано да градиме систем кој ќе биде отпорен на сајбер напади, но не смееме да дозволиме тоа да влијае на квалитетот на тие акции“, оцени вицепремиерката Грковска во своето обраќање на Панелот насловен „Скок кон поотпорен сајбер простор“. Таа нагласи дека сите мора да бидеме свесни за важноста на сајбербезбедноста, од аспект дека тоа не е трошок, туку инвестиција.
Вицепремиерката потенцираше дека извршната власт и носителите на одлуки мора да бидат гласни и да ги информираат граѓаните на што треба да обрнуваат внимание и да ја зголеми свесноста за потребата од имплементирање на активности за зголемување на сајбер безбедноста .
„Верувам дека дигиталната трансформација на општеството ќе влијае и на промена на свеста не само кај граѓаните, туку и на политичарите. Дигитализацијата ќе го промени начинот на живот кај сите нас. Затоа е важно да градиме сојузништва и на домашен и на меѓународен план и со јавниот и приватниот сектор, како и со граѓанското општество“, додаде Грковска.
Во однос на процесите во Северна Македонија, вицепремиерката нагласи дека многу е важно да се направи стандардизација и оптимизација на процесите, за да се овозможи ефикасен и координиран пристап кој ќе даде брзи резултати.
На Форумот, покрај вицепремиерката Грковска учествуваа и министерот за претприемништво и информациска технологија на Естонија, Андрес Сут, македонскиот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како повеќе експерти од областа од Западен Балкан и Европската Унија.
Со почит,