Граѓаните годинава ќе можат да аплицираат за субвенција за станбен кредит од државата преку проектот “Субвенција за станбен кредит” на Министерството за финансии.
Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години и истата може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години.
Граѓаните можат да аплицираат за 6 различни модели коишто нудат различни поволности согласно тоа дали сакаат да аплицираат за субвенционирање месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали аплицираат за купување стан или куќа и во зависност од возраста.
Повеќе за моделите може да се види во прирачникот објавен на веб-страницата на Министерството за финансии.
Каматната стапка за станбениот кредит преку проектот е исто така исклучително поволна. За моделите каде што се субвенционира ратата, каматата за првите 3 години изнесува 2,9 проценти, а за четвртата и петтата година 3,9 проценти. Кај моделите каде што се субвенционира учеството, каматата изнесува 4 проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен еурибор.
Дополнителна поволност што ја нуди проектот за корисниците е дека за секое новородено или посвоено дете, ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти.
За проектот може да аплицираат лица што се или не се во брак, a коишто ги исполнуваат следните услови: не смеат да имаат стан или куќа на свое име или на име на брачниот другар, месечните приходи не смеат да надминуваат 900 евра доколку не се во брак или 1.300 евра доколку се во брак, продажната цена на станбениот објект мора да биде до 900 евра за метар квадратен и станот или куќата што се купуваат или градат мора да бидат новоградба, односно да се купат од инвеститор или изведувач. Исто така, станбената површина не смее да надминува 150 м2.
Сите заинтересирани граѓани што ги исполнуваат овие услови и се кредитоспособни, согласно условите од банката, можат да аплицираат во една од осумте банки што учествуваат во проектот: Тутунска банка, Стопанска банка – Скопје, Шпаркасе банка, Стопанска банка – Битола, Силк Роуд банка, ТТК банка, Охридска банка и Прокредит банка.