23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Министерство за финансии: Обезбедени средства од ЕБОР за реализација на автопатот Скопје-Блаце

Над 200 милиони евра поволни средства од ЕБОР се обезбедени за реализација на регионален проект за управување со отпад и проектот за изградба на делница од автопатот Скопје-Блаце. Предлог законите за обезбедување на средствата од оваа меѓународна финансиска институција предложени од Министерството за финансии, беа прифатени на вчерашната владина седница, информираат од ова министерство. Договорите за реализација на проектите со ЕБОР, после усвојување од страна на Собранието како што појаснуваат, ќе бидат потпишани од страна на Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање и Јавното претпријатие за државни патишта.

Со Предлог законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово, се предвидува да се обезбедат 167,6 милиони евра од ЕБОР, кои се обезбедуваат со рок на отплата од 16 години, со грејс период од 4 години и каматна стапка која е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%.

Со ова се комплетира финансиската конструкција за реализација на овој проект. Покрај средствата обезбедени од ЕБОР, ќе се финансира со грант средства од ВБИФ во износ од 26,5 милиони евра.

Целта на проектот е да се подобри патната инфраструктура во земјата, односно предвидува изградба на втората подделница која се однесува на останатиот дел од автопатот Блаце – Скопје, со што, значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, ќе се подобри безбедноста на патот и ќе се скрати времето на патување, ќе се зголемат можностите за социо–економски развој, како на национално, така и на регионално ниво.

Од министерството нагласуваат дека со Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Регионалниот проект за цврст отпад се обезбедуваат 55 милиони евра со рок на отплата од 15 години, грејс период од четири години и каматна стапка која се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%.

Целта е да помогне на земјата во развојот на регионални системи за управување со отпад во одредени региони на Република Северна Македонија, односно воспоставување регионален систем за управување со отпад во Југоисточен, Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Полошки регион.

ЕБОР во изминативе 30 години има инвестирано над 2,2 милијарди евра во 159 проекти во земјата.