22.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Николовски: Продолжувањето на штрајкот е кршење на правото на образование и уривање на уставниот поредок

Платите во образованието биле мали, велат од СОНК, не допирале за седум проценти до просечната плата во државата. Ако е така тогаш професорите, наставниците и воспитувачките треба да протестираат пред вратата на нивниот лидер Јаким Неделков, чија плата е мистерија со години. Според социјалните мрежи земал без малку 70.000 денари или како споредба, повеќе од две просечни, или четири зголемени минимални плати. Ако сега и за него важи зголемувањето што го бараат наставниците, тој ќе инкасира над 80.000 денари. Ако не е така, нека ја соопшти јавно колкава е.

Но, за тоа нека му ја мислат тие 24.000, што тој ги предводи.

Инаку барањето за поголема плата не е спорно, секој во оваа држава заслужува да има подобра плата, затоа и вработените во образованието добија првична подршка од родителите.

Она што е спорно е злоупотребата на децата за постигнување на тие цели. Родителите не им ги доверија децата за тие да ги користат како „жив штит“ пред себе (оставајќи ги дома), барајќи повеќе пари од државата.  Вака излегува како децата да им се дадени на „позајмица“ за тие да можат да се борат со Владата. Но образованието не е доброволно, па учениците можат да одат, а може и да не одат извесно време на настава. Тоа е со устав загарантирана обврска.

Затоа и вработените во образованието почнуваат да ја иритираат јавноста, од која досега добиваа подршка, токму со тврдиот став во своите барања.

Не треба да се занемари фактот дека за седум дена штрајк успеја да извлачат покачување од десет проценти што е во просек 2.500 денари. Но тие тоа го одбија. Било за седум проценти пониско од просечната плата. Па се чини дека наставниците, опседнати само со своите барања, не ја гледаат пошироката слика во општеството. Зарем мислат дека родителите кои им ги оставаат децата на чување или на образување земаат повеќе од нив. Не. Најголемиот број се сигурно со подпросечна плата. И не штрајкуваат. Новинарите, без кои не може ниту еден штрајк или протест да помине, над 80 проценти земаат плата помала од просечната. Ако и тие се решат на штрајк, кој ќе разбере дека наставниците штрајкуваат и каков притисок без медиуми ќе имаат на своја страна. Никаков. Но новинарите не штрајкуваат. (Кој ќе им ги чува децата!) Затоа тие за сите имаат разбирање.

Но и тоа разбирање има крај. Продолжувањето на штрајкот значи веќе и кршење на правата на учениците, правото на образование. Тоа е веќе уривање на уставниот поредок.

Зачудува и леснотијата со која претседателот на СОНК Јаким Неделков планира да бидат надоместени изгубените часови настава. Според него, „учениците немало да бидат ускратени од можноста да го надоместат изгубениот материјал, оти тој би се надоместил преку скратена наставна програма, односно таа би била во позбиена форма и со поголема динамика“.

Мајката! Таа збиена форма во чија глава треба да влезе!!! Демек секој од наставниците знаел како да ги надополни изгубените наставни часови.

Па ако е така, од сега натаму така нека се одвива и редовната настава. По 30 минути за час. Зошто мораат децата да седат по 45 минути. Според Јаким доволни се и 30 минути.

Отсуството од наставата веќе извесно ќе доведе до пролонгирање на школската година, негативно ќе влијае врз уписите, како и врз полагањето на стручен испит на околу 500 наставници.

Затоа драги наставници, земете ги десетте проценти што ви ги даваат, примете ги нашите деца во градинка и на училиште, а вие пак преговарајте. Така е фер нели.

Автор: Љубиша Николовски за Фронтлајн.мк.

Извор на текст и фото: Фронтлајн.мк.

Спонзорирано: