Задоволувачки факт е што по две децении Македонија успеа прилично успешно да ја комплетира оваа обемна статистичка операција преку која добивме доста клучни демографски податоци со кои ќе развиеме попрецизни и реални политики, соопшти Партијата за движење на Турците.
„Првичните анализи покажуваат дека во општините Карбинци, Конче и Василево бројот на граѓаните од турската заедница е над 20 %, со што се овозможува службена употреба на турскиот јазик и писмо во рамките на локалната власт, регулирано според Законот за употреба на јазиците. ТХП апелира до овие општини, без никакви одлагања, да ги почитуваат законските обврски, а исто така во духот на едно општество, по примерот на општините Кичево, Чаир, Гостивар, очекуваме добра волја за службена примена на турскиот јазик и од локалните власти на општините Долнени, Дебар, Радовиш и Валандово, во кои процентот на граѓаните од турската заедница прилично се зголемува“, велат од партијата.
ТХП според добиените податоци од пописот очекува подобрување на правичната и соодветната застапеност на турската заедница, отворање паралелки на турски мајчин јазик во повеќе средини. Исто така, очекуваат пописот да придонесе за зголемување на демократскиот капацитет и вредностите на целокупното општество како во иднина би се елиминирале актуелните недостатоци и слабости на попишувачкиот процес.