Овогодинешното доделување на наградите Оскар ќе остане во сенка на скандалот.
Зад нас е најважната холивудска ноќ во годината – Оскарите, а покрај неверојатните креации, солзи, емотивни говори, оваа ја одбележа и физичка пресметка!
Оскарот за најдобар актер му припадна на Вил Смит за улогата во филмот „Кралот Ричард“ во кој ја толкуваше улогата на таткото на тенисерките Серена и Венус Вилијамс. Смит ја прими статуата во солзи и ѝ се извини на јавноста за физичката пресметка со колегата Крис Рок, која се случи само неколку минути пред овој свечен момент.
На доделувањето на Оскарите се случи инцидент, кога комичарот Крис Рок ја коментираше Џејда Пинкет Смит, сопругата на Вил Смит. Тој рече дека Џејда, која носи многу кратка фризура бидејќи има алопеција, личи на Деми Мур во филмот „Џи Ај Џејн“.
Нејзиниот сопруг, Вил Смит прво се насмеа на шегата, а потоа, одеднаш стана од местото, излеге на сцената и го удри со сета сила по лице комичарот. Откако му удри шлаканица на Крис Рок, Вил Смит се врати на своето место и двапат го опцу Крис – „не го земај името на мојата сопруга во својата е…на уста“.
Комичарот, но и цела публика беа шокирани од физичкиот испад на Вил Смит. Оскаровката Лупита Нјонго, која седеше непосредно до Смит, не можеше да го скрие непријатното изненадување на нејзиното лице.
„Вил Смит штотуку ми удри шлаканица“, рече шокираниот Крис откако ја доби шлаканицата.
Тоа се случи малку пред Вил Смит да биде прогласен за победник во категоријата најдобра машка улога во филмот „Кралот Ричард“.
Откако ја прими златната статуетка, очигледно освестен што направил, Вил Смит заплака додека држеше говор. Актерот ѝ се извини на Академијата за филмски уметности и науки.
– Сакам да бидам посредник за љубовта, сакам да им се заблагодарам на Венус и Серена, на целото семејство Вилијамс што ми ја доверија приказната. Тоа е она што сакам да го правам, да бидам амбасадор на љубовта, грижата, вниманието. Сакам да се извинам на Академијата и на номинираните, ова е прекрасен момент и не плачам затоа што ја добив наградата. Не се работи за тоа, потребно е сите други луѓе да се осветлат со светлина. Уметноста го имитира животот, сега изгледам како тој „лудиот татко“. Но, поради љубов луѓето прават луди работи. Многу работи се многу комплицирани за мене, но – ви благодарам за оваа чест, на овој момент, ви благодарам во името на Ричард и во име на целото семејство Вилијамс. Се надевам дека Академијата повторно ќе ме покани – изјави Смит.
Социјалните мрежи „горат“ од коментари за инцидентот. Иако многумина се согласуваат дека не треба да се коментира нечија здравствена состојба, сепак, сите се согласни во едно – дека не смее да се дозволи насилство во ниту еден облик! Речиси сите апелираа до Академијата дека требала да го отстрани Вил Смит од доделувањето на Оскарите.