Од петок започнува да важи одлуката за бесплатен јавен превоз за возрасни лица. Бесплатниот превоз се однесува на категоријата лица – жени над 62 години и мажи над 64 години и ќе важи во вторник, петок, сабота и недела, информираат од Јавното сообраќајно претпријатие.
Со ова олеснување на трошоците на граѓаните, како што објаснуваат, ќе бидат опфатени околу 80.000 корисници на јавниот превоз во Скопје кои ќе имаат право да го користат превозот бесплатно, четири дена во неделата.
„Воведувањето на бесплатниот превоз за возрасни лица е во согласност со одлуката на Советот на Град Скопје за дотации или давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие и средствата за оваа намена се обезбедени од буџетот на Град Скопје. Морам да напоменам дека освен што се ослободуваат возрасните лица во посочените денови од трошоци за автобуски превоз, бесплатен превоз веќе имаат и учениците средношколци во средните училишта чијшто основач е Град Скопје, редовните студенти на додипломски студии на државните универзитети во Скопје, како и лицата со попреченост“, истакна на денешната прес-конференција, в.д.директорот на ЈСП, Иван Илиевски. Возрасните лица кои сакаат да користат бесплатен превоз во вторник, петок, сабота и недела, треба да поседуваат персонализирана електронска картичка „Скопска“ и при користење на јавен превоз да се валидираат, а истата картичка се приложува и во случај на линиска контрола.
Персонализирањето на картичките се врши во некои од седумте центри за персонализација на ЈСП Скопје.
Илиевски повтори дека наследената тешка финансиската состојба на претпријатието, односно загубата од 3 милиони евра, како и кредитот за набавените МАН возила, кој почна да се отплаќа од пред два месеца, нема да бидат причина за евентуални проблеми при реализација на ветените проекти на Град Скопје кои се однесуваат на јавниот превоз и неговите корисници.
„Се соочуваме со големи предизвици, скок на цената на нафтените деривати, на природниот гас. Споредбено со декември минатата година, трошоците за гориво и гас се зголемени во просек за 33%. Ова е и ќе биде тешка година за сите, а ние како претпријатие бараме начин да ги сведеме на нула непродуктивните трошоци. Тешко е, но не се откажуваме. Откажувањето не е опција во нашиот случај. Затоа и на инцијатива на градоначалничката оваа година има дотации за бесплатен превоз за возрасни граѓани“, потенцираше Илиевски, кој додаде дека во последниот период согласно стратегијата и барањата на граѓаните беа пуштени во употреба дополнителни автобуски линии, а беа вратени во функција и претходно укинатите ноќни линии.
„ЈСП со Градот Скопје во следниот период ќе работи на дополнителна консолидација и дополнителни анализи кои се однесуваат на јавниот превоз и ќе изнаоѓа решенија за проблемите се со цел да им излеземе во пресрет на барањата на граѓаните“, додаде в.д. директорот на претпријатието.