23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Видео) Тренчевска: Обезбедивме 424 обуки за ИТ-вештини, креираме работни места

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска учествуваше на конференцијата Skills4FutureWeek: „Патот кон трансформациски промени“.

Тридневната конференција се реализира во рамките на проектот „Премостување на јазот кај дигиталните вештини за создавање нови и подобри работни места“, поддржан од британската амбасада во Скопје.

Тренчевска во својот говор рече дека паралелно со светските технолошки достигнувања, Владата креира работни вештини најбарани на пазарот на трудот.

Таа посочи дека образованието е единствениот начин уште од мали нозе, побрзо да се подготвиме за предизвиците на новото време и дека државата вложува во дигиталната писменост.

„Свесни за новите потреби на пазарот на трудот, со новиот Оперативен план за 2022 година, интервениравме со мерки за обука за напредни ИТ-вештини, бидејќи работните места во иднина ќе бидат во брзорастечкиот ИТ-сектор. За оваа година обезбедивме 424 обуки за невработени лица. На овој начин на нашите граѓани им овозможуваме да се стекнат со знаења за полесна вработливост. Развојот на технологијата, пред сè ‘екслозијата’ од нови теми и научни области, треба да го искористиме и за премостување на сиромаштијата, невработеноста и нееднаквоста“, рече министерката.

Тренчевска информираше дека преку Моделот за преглед на занимања, младите можат побрзо да се информираат за понудата и побарувачката на работна сила на македонскиот пазар на труд, нагласувајќи дека на веб-платформа (www.zanimanja.mk) има прикачено и опишано 74 барани занимања на пазарот на трудот.