Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска учествуваше на вториот состанок на Заедничкиот управувачки комитет(ЗУК), за спроведување на Рамката за соработка за одржлив развој, на ОН 2021-2025 година, во Република Северна Македонија.
На состанокот кој што го отворија копретседавачите на ЗУК, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и постојаната координаторка на ОН во земјава, Росана Дуџак, од страна на претставниците на агенциите на ОН во земјава, УНФПА, УНВОМЕН, УНДП, УНИЦЕФ и МОТ беа презентирани резултатите од 2021 година и заедничкиот работен план за 2022 година.
Министерката Тренчевска се заблагодари на долгогодишната соработка со агенциите и телата на ОН во земјава, во заложбите за постигнување на целите за одржлив развој до 2030 година и поддршката во градењето на просперитетна и инклузивна држава.
„Наш главен приоритет е да осигураме шанса и можности за сите – никој не смее да биде изоставен. Затоа, продолжуваме со активација на ранливите групи и обезбедување на поддршка за нивна интеграција на пазарот на труд. Работиме и на создавање на поволна и поттикнувачка средина за развој на социјалните претпријатија,“ рече министерката Тренчевска.
Таа се осврна и на напорите кои министерството ги прави во насока на унапредување на работничките права и обезбедување на достојни услови за работа, како и важноста од почитување на безбедноста и здравјето при работа. Значењето на функционирањето на економско – социјалниот совет и владеењето на социјален дијалог во државата како клучен за носење на вистински и оддржливи решенија.
Министерката посочи дека унапредувањето на социјалната сигурност, заштитата на лицата во социјален ризик, процесот на деинституционализација, зајакнување на правата од детска заштита, јакнењето на капацитетите на стручниот кадар во градинките и развојот на услугите за родителите се процеси на кои министерството продолжува да работи.
Таа информираше дека во областа на еднакви можности и заштитата од дискриминација, во следниот период, ќе бидат имплементирани активности поврзани со носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и унапредување на законската и стратешка рамка за еднакви можности на жените и мажите, имплементација на Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција и вклучување на стратешки планови, политики и буџети.
Министерката посочи дека, планираните резултати за „Просперитет за сите“, „Квалитетни услуги за сите“ и „Добро владеење“ дефинирани во Заедничкиот план за спроведување на Рамката за соработка за одржлив развој се целосно усогласени со приоритетите и планираните активности за 2022 година на министерството.
„Активностите дефинирани во Заедничкиот работен план за 2022 година, значително ќе придонесат за исполнување на приоритетите и целите на Министерството за труд и социјална политика и секако придонесуваат кон остварување на Целите за одржлив развој,“ рече Тренчевска.
Таа потенцираше дека за остварување на Заедничкиот план потребна е силна координација на релевантните министерства, институции и развојни партнери во насока на постигнување на споделена одговорност и оптимално искористување на ресурсите и интегрирање на искуствата во институциите на системот.