„Поради сѐ почестата злоупотреба на Фондот за здравствено осигурување од граѓани што собираат донации за лекување во странство, принудени сме да реагираме во јавноста. Во последно време има наплив на барања што кружат на социјалните мрежи со молба граѓаните да се солидаризираат и да помогнат со уплата на телефонските броеви за донација или директно на сметка во банка“, велат од ФЗО.
„Станува збор за собирање донации за случаи каде што воопшто не било поднесено конзилијарно мислење, односно не било побарано лекување на товар на Фондот. Често се случува да се злоупотреби ФЗО бидејќи барањата кружат со изговор дека Фондот не одобрува“, иако пациентот воопшто не поднел документи во ФЗО, а со тоа не побарал лекување во странство преку Фондот.
Со ова не само што се злоупотребува институцијата, Фонд за здравствено осигурување, туку се манипулира и со граѓаните. Фондот е запознаен со повеќе случаи кои на ваков начин собираат финансиски средства од граѓаните.
Еден од низата е случајот каде што се бараат 16.500 евра за итна операција на 13-годишно девојче на Институтот за ортопедија во Бањица. Под фотографијата на девојчето, која се споделува на социјалните мрежи, каде што со зелени крупни букви пишува УРГЕНТНО, стои дека Фондот операцијата во Бањица не ја поддржува, соопштува ФЗО.
„Ја информираме јавноста дека за конкретниот случај во ФЗОРСМ ВООПШТО нема поднесено барање за лекување во странство.
Контактиран е родителот, кој објасни дека не му е потребно лекување преку ФЗО, туку се решил да собира донации за операција во Бањица и објасни зошто се одлучил на ваков чекор, процедура од која евидентно е дека не е запознаен со деталите од постапката.
Ја објаснуваме постапката за упатување лекување во странство, која се поведува по барање на осигуреното лице.
Кон барањето осигуреното лице поднесува:
– предлог за упатување лекување во странство од соодветната универзитетска клиника во Скопје;
– потребна медицинска и друга документација за текот на лекувањето во здравствените установи во Р Македонија.
Во согласност со член 4 став 1 од Правилникот за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство, предлогот за упатување лекување во странство го дава клиничкиот конзилиум од најмалку тројца лекари супспецијалисти/специјалисти и директорот на соодветната универзитетска клиника во Скопје и важи шест месеци од денот на издавањето.
Понатаму, предметот со целокупната документација се разгледува од страна на лекарските комисии, при што по донесување оценка и мислење, се носи соодветен управен акт од страна на Фондот.
Укажуваме, да не се пишуваат дезинформации во барањата што се споделуваат на социјалните мрежи и да не се злоупотребува ФЗОРСМ во случаите во кои воопшто не било побарано лекување преку Фондот бидејќи на ваков начин се руши угледот на институцијата, се создава погрешна перцепција во јавноста, а се манипулираат и граѓаните“, се наведува во соопштението на ФЗО.