Парламентарното мнозинство и Владата предводени од СДСМ постојано преземаат мерки за заштита на стандардот на граѓаните во време на кризна состојба, порача пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски во емисијата „Клик плус“ на Телевизија 21.
– Мерките што ги преземаме се видливи, остварливи и даваат резултат. Со намалување на акцизите и ДДВ горивата во континуитет поевтинуваат и се уште се со убедливо најниска цена во споредба со регионот. Од денеска нема ДДВ за основните прехранбени производи, со што ја стабилизираме цената на продуктите кои најчесто се купуваат. 330.000 пензионери се опфатени со овие мерки и тие ќе добиваат по 1.000 денари во следните три месеци, порача Костовски.
Костовски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ наместо конструктивност, нудат само блокади и популизам на штета на граѓаните.
Во овој период се изнагледавме лицемерие од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, прво кочат закони па поднесуваат идентични закони кои наводни биле нивна идеја, таков беше Законот за поголеми плати за наставниците а кочат ист таков Закон цела година.
Потоа видовме и бројни паушални законски решенија кои не се базирани на никакви анализи, без никакви финансиски проекции туку се продукт на чист популизам. И тоа не е ништо ново, сите знаеме дека Трајко Славески беше прв противник против зголемувањата на минималната плата, ја плашеше јавноста дека економијата ќе колабира, а за две-три недели од сега, минималната плата ќе изнесува 18.000 денари. Пензионерите добиваат рекордно покачување на пензиите според таканаречениот Швајцарски модел и тие се исплаќаат редовно, а сите знаеме дека во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ пензискиот фонд беше во долгови а државата се задолжуваше за да исплати пензии“ заклучи Костовски, додавајќи дека во овој период нема потреба од предвремени избори, туку од решенија за надминување на кризата.