24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Социјалната инклузија и развојот на човечки капитал се приоритети

„Социјалната инклузија и развојот на човечки капитал, целосната поддршка на лицата изложени на социјален ризик и младите на пазарот на трудот овозможуваат забрзан и одржлив економски раст и развој кон подобар животен стандард“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на денешниот состанок на секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, кој се одржа онлајн.

На состанокот учествуваа вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ, министерот за образование и наука, Шаќири, и претставници од меѓународната заедница, институции и граѓански организации.

Министерката истакна дека во време во кое и нашето општеството е соочено со предизвиците од последиците од кризата, особено е важно заеднички да се продолжи со почнатите напори за закрепнување на економијата и подобрување на социјалната состојба и воопшто условите за живеење и работа на граѓаните.

„Ние покажавме дека трудот на работникот се цени и вреднува, особено во услови на пандемија, енергетска криза и инфлаторни притисоци. Очекуваме дека зголемувањето на минималната и просечната плата и сите мерки и заложби што беа преземени во таа насока ќе имаат директно влијание врз подобрување на стандардот на граѓаните и стимулирање на економската активност, продуктивноста на трудот, како и конкуренцијата. Истовремено, се грижиме за животниот стандард на постарите лица бидејќи знаеме дека пензиите имаат исклучително влијание врз вкупната сиромаштија во нашата земја,“ рече Тренчевска.

Таа посочи дека за побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст и извлекување на што поголем број граѓани од сиромаштија клучни се и инвестициите во социјална заштита, со цел активација на ранливите групи на пазарот на труд.

На состанокот министерката потенцира дека намалувањето на невработеноста на младите и долгорочно невработените, унапредување на условите за работа, вклучително и безбедноста и здравјето при работа, борбата против сиромаштијата, достапноста и одржливоста на квалитетни социјални услуги и процесот на деинституционализација, социјалната сигурност на старите лица, инвестициите во децата, поддршката за подобрена интеграција на Ромите, унапредувањето на родовата еднаквост, како и превенцијата и заштитата од дискриминација и родово базираното насилство, остануваат да бидат клучни секторски сегменти што имаат потреба од поддршка.

Во текот на состанокот од страна на претставниците на секторите детаљно беа презентирани досегашните достигнувања, среднорочни и долгорочни приоритети, кои произлегуваат од приоритетите дефинирани во програмата за работа на Владата и релевантните стратегии.​