Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека цената на нафтата и нафтените деривати, ја определува РКЕ, која е независна Комисија за енергетика и која што цената ја определува врз основа на пропишана методологија.
„Во однос на цената на нафтата и нафтени деривати ние сме сведоци дека заради одлуките кои што ги донесовме во однос на скалестото намалувањето на акцизата и намалувањето на ДДВ во регионот ние имаме најниска цена на нафта и нафтени деривати, било каде да отидете нема да најдете поефтина цена и тоа се должи на брзата и навремена одлука која што беше донесена, односно мерките и препораките донесени од страна на Владата и ефикасноста на Парламентот во донесувањето на законските решенија“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот подвлече дека дел од компаниите кои што работат на пазарот со нафта и нафтени деривати покажаа шпекулативно однесување, а тоа веднаш беше санкционирано од страна на соодветните инспекциски служби.
„Цените на енергенсите и цените на храна не се зголемени заради Република Северна Македонија, тие се зголемени заради војната во Украина и заради зголемувањето на цените на светските берзи, она што ние го правиме е навремено да донесеме мерки со кои што ќе заштитиме граѓаните да не се соочат со ценовни шокови“, истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
Премиерот Ковачевски додаде дека тоа е направено во однос на електричната енергија којашто е со најмала цена во регионот и пошироко, што се должи на одлуките на Владата за субвенционирање на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи со што некаде околу 80% од цената на електрична енергија е субвенционирана од државата.
Ковачевски потенцираше дека антикризните мерки се таргетирани кон најранлвите категории граѓани како најпогодени од кризата, како на пример со три месечна финансиска поддршка од по 1.000 денари помош за 35.000 пензионери, како и по 1.000 денари енергетска субвенција за плаќање на енергенси и на огрев во текот на целата година.
„Минималната плата е покачена повеќе од инфлацијата. Да се потсетиме дека пред пет години беше 9.000 денари, сега е 18.000 денари и таа е покачена за 100%. Пред пет години беа потребни 4,25 минимални плати за да се покрие една потрошувачка кошничка, сега се потребни две минимални плати за покривање на една потрошувачка кошничка. Тоа се факти кои што можеме да ги коментираме меѓутоа не можеме да најдеме аргумент против нив. Ова е придобивка на една социјалдемократска Влада која што навистина се грижи за примањата на оние кои што многу придонесуваат во општеството, но и за најранливите категории“, рече премиерот Ковачевски.
Во однос на пензионерите, Ковачевски нагласи дека низ дијалог е постигната методологија за историско зголемување на пензиите и оваа година секој пензионер на ниво на просечна пензија ќе има 200 евра повеќе приход во однос на минатата година.
Сеопфатните мерки го вклучија и решавањето на парното греење во градот Скопје каде што прво се направи преземање на управувањето со БЕГ со цел да не дојде до прекин на снабдување со Скопје кое што би предизвикало и големи проблеми во електроенергетската мрежа во одредени делови на градот.
„Со трансфери од Владата за обезбедување на енергенси за производство на топлинска енергија се субвенционира во најголем износ и цената на парното греење и со ова покажавме дека прво сите граѓани од најранливите категории се директно помогнати од државата и сите граѓани се заштитени од ценовен шок кој што можеше да се случи“, потенцираше претседателот на Владата Ковачевски и додаде дека во делот на храната како прва мерка беше замрзнување на цените, а додека во втора фаза беа ограничени маржите во малопродажбата и во големопродажбата што овозможи да има контрола на цените на основните прехранбени продукти.