Владата на денешната седница донесе одлука за исплата на штетите од елементарни непогоди што ги претрпеа земјоделците во 2016, 2017 и во 2018 година. Висината на обесштетувањето ќе биде 10 отсто од вкупно проценетата вредност. Со одлуката се опфатени 35 елаборати поднесени од 29 општини, ќе бидат обесштетни над 9.100 граѓани и правни субјекти.
Владата дополнително донесе одлука и за исплата на обесштетување за штети од елементарни непогоди врз земјоделските посеви во 2021 година во општините Росоман, Демир Капија, Ранковце, Карбинци и Богаданци. Вкупниот процент за обесштетување за сите 5 општини е 10 % од проценетата штета. Со одлуката ќе бидат исплатени 1.072 физички лица и правни субјекти.
За оваа намена, вкупно за сите општини, каде што имало временски и елементарни непогоди, од буџетот ќе се исплатат околу 4,5 милиони евра.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира дека земјоделците никогаш нема да бидат оставени сами во состојби кога поради временски непогоди претрпуваат штети врз производството.
Дополнително, имајќи предвид дека осигурувањето претставува гарантирање на производството, одржување на земјоделските насади и правилно планирање на земјоделскиот развој, Министерството веќе работи на воспоставување земјоделски осигурителен пул како нов модел на земјоделско осигурување. Овој пул преставува систем кој ќе има цел да ги заштити земјоделците од штети од елементарни непогоди, од една страна, и да го забрза процесот на обесштетување на самите земјоделци, од друга, што би преставувало една позитивна промена земајќи го сегашниот процес на обесштетување на земјоделците, кој од настанувањето на штетата до обесштетувањето трае и до една година и повеќе.