23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бесими-Лукаревска: Намалена царината за 258 суровини, зголемена минималната плата

Вработените со минимална плата од следниот месец ќе имаат поголема плата како резултат на одлуката на Владата за зголемување на минималната плата и финансиската помош за компаниите за реализација на оваа мерка. Ова го истакнаа министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска кои денеска посетија две компании Ју-ка дооел Велес и Ука Комерц во Сарај, кои ја поздравуваат поддршката што е обезбедена од државата за да се реализира оваа мерка.

“Минималната плата од март ќе изнесува 18.000 денари за вработените и во приватниот и во јавниот сектор. Ова ја покажува грижата на Владата за работниците и за подигнување на животниот стандард во земјава. Дополнително ова се случува во услови на здравствена и енергетска криза, што уште појасно ја покажува нашата определба како Влада за раст на платите во земјава. Ова е системско решение, кое е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, а со кое преку утврдена методологија минималната плата ќе биде заштитена од инфлација и поврзана со порастот на продуктивноста на трудот, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека државата има партнерски однос со стопанството и имајќи ја предвид целокупната тековна состојба, во Буџетот се издвоени 16 милиони евра за субвенционирање на делот на придонесите за зголемување на минималната плата.

„Продолжува партнерскиот однос и поддршката кон стопанство, за што јасно дадодвме до знаење и за време на пандемијата, кога преку пакетите мерки кои ги донесовме во вредност од над милијарда евра, му помогнавме на стопанството и воедно ја стимулиравме економската активност“, рече министерот и посочи на намалувањето на царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали кои ги користат домашните компании и кои ќе влијаат на намалување на нивните трошоци, ќе создадат можност за проширување на производството, нови вработувања и слично. Исто така ги напомена и можностите што стојат на располагање на компаниите преку Развојната банка за инвестиции.

Мерката за зголемување на минималната плата ќе се реализира преку Управата за јавни приходи, за што директорката Лукаревска истакна дека УЈП е подготвена како и при успешната реализацијата на претходните владини антикризни мерки.

„Мерката ќе се реализира преку Управата за јавни приходи со поднесување на пресметките за исплата на плата, а финансиската помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата ќе ја исплаќа Министерството за труд и социјална политика. Постапката е едноставна односно работодавачот во месечната пресметка за интегрирана наплата, за

оние лица за кои бара обезбедување на финансиска помош од државата ги означува со посебна шифра, на која работиме во моментов и за која ќе известиме дополнително. На крај на месецот после исплатената плата, Управата за јавни приходи ќе достави извештај за бараната финансиска помош до МТПС од каде истата ќе биде исплатена на работодавачит, изјави директорката и наведе ка УЈП успешно ги реализираше владините антикризни мерки и оти е подготвена и за реализација на оваа мерка“., рече Лукаревска.

Таа додаде дека државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари која се исплаќа сега, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари, со што ќе се излезе во пресрет и на компаниите и на работниците.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во РС Македонија со кој се зголемува минималната плата беше усвоен од Собранието неделава.