Соопштение за јавност на Асоцијацијата на архитекти во Македонија:
Деновиве сме сведоци на невиден и опасен преседан, за нашата струка архитектурата и за струката на нашите колеги проектанти, учесници во градбениот процес, да се зборува од позиција на аматеризам, со вметнување на опасни тези дека наводно Јавниот објект Универзална сала се гради според небезбеден проект. Ние како Асоцијација сметаме дека е крајно време да се престане со омаловажување на струката по многу основи и нејзино користење во дневно-политички пресметки помеѓу политичките опоненти.
За квалитетите на проектните решенија стандардизирани со закон можат да се произнесат самите учесници според нивната хиерархиска стуктура: проектант, одговорен проектант, ревидент, супер-ревидент. Тоа е накусо методологијата на проектниот процес и негова законска верификација пред отпочнување на изведбените работи. Оттука, секој градбен процес е резултат на точно законски одредена процедура со што се гарантира физичката, економско-правната, социо-културната и секоја друга безбедност на проектантот, изведувачот, корисникот, инвеститорот и на крај општеството. Доколку стручно и овластено лице и само такво лице, увиди неточности во проектот од својата област, должен е да побара супер ревизија на целиот проект како не би дошло до било какво загрозување на безбедност на граѓаните. Тогаш, проектот треба да биде сопрен, а сите инволвирани да бидат исправени пред лицето на правдата, и проектанти и ревизори и изведувачи и нарачатели, а компаниите кои тоа го верификувале да им бидат одземени сите лиценци и дозволи за работа.
Ниту градоначалниците ниту министрите не се тие кои треба да гарантираат материја вон нивните овластувања и експертност. Само стручњак со ист или повисок степен на квалификација може да суди дали некој проект е точен или неточен. Извинете, но плукајќи се меѓусебе цело време ги опоганувате оние кои вистински работат.
Проектот Универзална сала на прво место е уникатен за нашата градежна оператива, зашто се реконструира без да се сруши претходно постоечкиот објект. И затоа се нарекува реконструкција. Ниту кога се гради објект од почеток проектите не се 100% прецизни за да се изведат и секогаш при градба доаѓа до одредени ускладувања на состојби, фази и решенија. Тоа во реконструктивните зафати се појачува уште порадикално. Објект стар над 50 години доживува голем број на деформации за време на својата експлоатација кои се видливи само со инструмент или се артикулрираат при изведба на нови елементи, а при тоа треба да се додаде дека постојниот објект е од полумонтажен тип. Така што замена на одредени рашенија во текот на градба на вакви објекти е сосема нормално, се додека замената не ги надмине во голема мера проектираните решенија. Но, таквата состојба треба стручно и да се препознае и да се утврди по законски пат, а не преку медиуми. Да не заборавиме дека во целиот процес на проектирање и контрола се вмешани и Градежниот факултет и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Се додека не се повлечат од проектот истиот е легитимен.