24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Опозицијата побара свикување на Комисијата за избори поради проблемот со уставните судии

Опозицијата почна постапка и поднесе барање до претседателот на Собранието за свикување седница на Комисијата за прашања и изборите и именувањата, поради застојот во изборот на уште четворица уставни судии.

Барањето е поднесено од седум од вкупно 13 членови на Комисијата, а е испратено до претседателот на Собранието, поради тоа што досегашниот претседател на Комисијата беше избран за градоначалник на локалните избори во октомври и оттогаш работата на оваа Комисија е закочена.

„Бидејќи владејачкото мнозинство постојано ја обвинува опозицијата за блокада на работата на Собранието, а од друга страна повеќе месеци не назначува нов претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ние согласно членот 120 став 2 од Деловникот, ја преземаме оваа иницијатива со цел откочување и продолжување со работа на оваа Комисија. Ова е шансата на власта да покаже дали има искрена намера за откочување на работата на оваа Комисија или само напразно ја обвинува опозицијата. Како одговорни пратеници, водејќи се од итноста, потребата и барањето од Уставниот суд на Република Македонија, ние предлагаме да се свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата веднаш и уште во текот на утрешниот ден да се одржи седницата и да се изберат уставните судии на Уставниот суд на Република Македонија“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски.

Фунционирањето на Уставниот суд е отежнато поради тоа што во него има само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Претседателката на највисокиот судски орган, Добрила Кацарска, неодамна посочи дека таквата состојба влијае при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Од кабинетот на Џафери информираа дека e опструирана работата на Комисијата за избори и именувања, па во моментов Собранието не може да избере уставни судии.