23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Македонската дипломатија сепак се професионализира: 80 отсто од амбасадорите и конзулите испратени на должност во изминатата година се кариерни дипломати

Медиумската помпа околу изборот на нови амбасадори и конзули, која го окупираше вниманието на јавноста изминатава недела, одново ги актуелизираше прашањата за дипломатските претставници кои земјава ги испраќа во странство.

Информациите за наводните именувања, кои на крајот се покажаа како неточни, го ставија фокусот врз квалитетот и професионалноста на кадарот во македонските амбасади и конзулати.

Одговарајќи на прашањата поврзани со ова, министерот за надворешни работи Бујар Османи во дневникот на Сител ги престави последните податоци за испратените шефови на дипломатско – конзуларните претставништва на земјава.

Османи откри дека веќе подолг период постои јасна тенденција на професионализација, со испраќање на кариерни дипломати од редовите на МНР на ваквите позиции. Професионалните дипломати се големо мнозинство меѓу претставниците испратени на должност во изминатата година.
„Иако според законот, обврзани сме да пополниме најмалку 20% од амбасадите и конзулатите со дипломати од кариера, во изминатава година и пол дури 80% или 16 од 20 испратени шефови на ДКП-а беа дипломати од кариера кои доаѓаат од куќата. Мојата интенција уште од почетокот на мојот мандат беше да се зајакне улогата на дипломатите од кариера во водењето на надворешната политика, и затоа во предлог-законот за МНР кој го изготвив, процентот како обврска за испраќање дипломати од кариера го зголемив на 75%“, истакна Османи.

Министерот ги демантираше наводите во јавноста за испраќање нов кандидат како Генерален конзул во Њу Џерси, потврдувајќи дека дека МНР не планира да испраќа нов генерален конзул сѐ до јули 2023 година, до кога трае актуелниот мандат на конзулот Јордан Панев, кој исто така е професионален дипломат.