Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да си поднесат оставка, посочи на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, додавајќи дека врхушката на партијата, на чело со избеганиот криминалец Никола Груевски, признала дека дејствувала како злосторничко здружување во предметот „Титаник“.
„Судовите во државата докажаа дека функционери од оваа партија злоупотребувале положби и се богателе со стотици илјади евра од градба на училишта (случај познат во јавноста како ‘Табла’), фалсификувале документи и местеле тендери и во РЕК, каде што ќарот бил 17 милиони евра (ова е потврдено во случајот познат во јавноста како ‘Труст’). Преку фирми на партиски послушници на ВМРО-ДПМНЕ се затајувал и данок (докажано во случајот ‘Тифани’). Од УБК и полицијата си направиле приватна фирма, се фалсификувале службени исправи, се уништувале службени списи, од кои некои се однесувале на незаконското прислушување (потврдено во судскиот случај ‘Тврдина 2’). Судот докажа дека партиски послушници удомени во МВР за набавка на службени возила на полицијата ја злоупотребувале службената положба и овластувањето на штета на државниот буџет, на штета на парите на граѓаните, тендерите ги давале на фирми што нуделе поскапи цени (случај познат во јавноста како ‘Триста’). Судовите во државата ја докажаа желбата за луксуз и моќ на осудениот криминалец, бегалецот Никола Груевски, во случајот ‘Тенк’“, наведе Кузеска, според која, Мицкоски и целото раководство треба да се извинат, да поднесат оставки и да побараат враќање на парите.
„Оваа партија не е реформирана, тоа е истата ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште под контрола на бегалецот Груевски“, заклучи таа.