26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Од петокот над илјада граѓани побарале помош на новоотворената линија за итни повици – 112

Вкупно 1.106 граѓани се јавиле на бројот за итни повици – 112, кој беше пуштен во употреба пред два дена.

Во петокот имало околу 600 повици, а во сабота околу 430. Во текот на ноќва до 08.00 часот се примени 76 повика, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Директорот на Центарот, Стојанче Ангелов, рано утрово го посети Секторот 112. Од страна на дежурниот сменоводител и примателите на итни повици тој бил запознаен со тековната работа, како и со почетните проблеми со коишто се соочува новиот сектор.

Со новоотворената линија, која важи на целата територија на Европската Унија, наместо досегашните 192, 193, 194 и 195, односно полиција, брза помош, противпожарна единица или Центарот за управување со кризи, граѓаните со вртење на 112 можат да ја добијат која било услуга, односно доколку имаат каков било итен случај и потреба од државата.

За почеток, телефонскиот број 112 ќе функционира само на територијата на Скопје. Откако ќе се тестира системот, по десеттина дена ќе почне со работа и на територија на целата држава бидејќи, како што соопштија надлежните, се работи за комплексен систем што во себе обединува неколку различни субјекти, министерства, противпожарните единици коишто се децентрализирани односно се во надлежност на општините и итната медицинска помош.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во петокот најави дека системот ќе започне со работа во осум оперативни центри, покрај Скопје тој ќе функционира и во Тетово, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид и Битола, сите опремени согласно европските директиви за оваа намена.

Телефонските броеви 192, 193 или 194 ќе продолжат да функционираат најмалку една година и доколку граѓаните ги повикаат овие броеви, Ангелов вели дека ќе ја добијат потребната услуга.