7. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Проактивна транспарентност на институциите за поефикасно користење на информации од јавен карактер

Во земјава има недостиг од 536 пожарникари, а имаме 200 пожарникарски возила од кои повеќето се постари од 18 години. Имаме вкупно 183 возила за брза помош од кои 77 отсто се добиени како донација. Овие податоци се добиени преку правото на пристап до инфомации од јавен карактер, а беа посочени на јавната дебата „Ефикасно користење на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во процесот на јакнење на интегритетот на јавните институции со посебен акцент на младите“, што ја организираше Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Јавната дебата е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Република Северна Македонија“ кој е финансиран од Европската Унија.

На дебатата учесниците констатираа дека има напредок во користењето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, но неопходно е понатаму да се работи на унапредување на овој процес. Проактивната транспарентност на институциите е врвен прироитет, а кога ќе се достигне тој стадиум, може да се смета дека навистина е постигнат квалитетен напредок.

Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата, истакна дека правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е загарантирано со Уставот (член 16, став 3) и граѓаните треба што повеќе да го користат ова право.
„Транспаретноста и отчетноста на институциите се основа за развој на демократијата и владеење на правото. И покрај унапредувањето на законската рамка од оваа област, ние мора и понатаму да работиме на подигнување на свеста, особено кај раководните структури во институциите за да создадеме култура во која тие самите ќе ги објавуваат информациите од јавен интерес, без да чекаат да стигне барање за тоа. Покрај тоа, важно е да ја унапредиме постапката и да ја направиме ефикасна и едноставна за сите, а особено за младите, што е од исклучително значење во овој процес“, истакна Бојчева.

На важноста на унапредувањето на процедурата и создавањето повисока свест за користење на уставните и законските права укажа и Александар Кашумов, клучен експерт на слободен пристап до информации од јавен карактер во проектот.

„Новиот закон е добра основа за дополнително унапредување на процесот, информирање на јавноста и поголема ефикасност на институциите. Заедно со Агенцијата работиме на изработка на прирачници кои дополнително треба да придонесат за поголемо користење на информации од јавен карактер преку брза и ефикасна постапка“, истакна Кашумов.
Данче Бајдевска од Фондацијата отворено општество, организација која учествувала во изготвување на новиот Закон на слободен пристап на информации од јавен карактер, потсети дека и покрај напредокот, треба да се работи за дополнително подобрување, особено во сегментот на проактивна транспарентност на институциите.

„Процесот има напредок и тука не треба да имаме дилеми. Алатката „отворен буџет“ е креирана во рамките на овој процес и продонесува кон поголема транспаретност на институциите. Но, тоа не треба да не задоволи, мораме понатаму да работиме, бидејќи сѐ уште имаме слабости, особено во делот на ефикасно процесуирање на барањата. Така, на пример, минатата година институциите одговориле на 81 отсто од 400 барања кои сме ги доставиле, а само 50 отсто од одговорите биле во законски рок“, истакна Бајдевска.

Слободниот пристап до информации од јавен карактер е важен за младите и тие треба што повеќе да го користат ова право, бидејќи така се создава и поголем капацитет во самите институции и се зајакнува нивниот интегритет.

„Нивото на кое сега се наоѓа праксата за добивање на слободен пристап до информации од јавен карактер не е високо, но имаме голем прогрес доколку направиме споредба со состојбите пред 15 години. Навистина направено е многу, но младите мора да разберат дека ова е значаен процес кој овозможува не само поголема отчетност на институциите, туку и поголема одговорност. Апелирам до институциите проактивно да ги објавуваат информациите кои се од јавен карактер, во јавна и лесно достапна форма“, истакна Герман Филков, од Центарот за граѓански комуникации.

Со новиот закон за пристап до информации од јавен карактер и финасирањето на политичките партии стана податок од јавен интерес кој е јавно достапен. За таа цел се работи на подигнување на човечките капацитети во партиите и се едуцираат службените лица кои се назначени за оваа област.

„Со овој закон финансирањето на политичките партии доби статус на информации од јавен интерес, што е од исклучително значење за демократскиот процес. Но, за овој процес целосно да се имплементира, ние со претставници на партиите работиме на едукација и создавање дополнителни процедури, следејќи ги примерите од оваа област во развиените демократии, како САД и Велика Британија“, истакна Марија Саздевски од Меѓународен републикански институт (ИРИ).

Во истражувањето на ИРИ спроведено минатата година, во кое учествувале претставници на 20 парламентарни партии, се наведува дека 91 отсто одговориле дека имаат назначено службено лице за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, а 78 отсто одговориле дека ова лице е вработено во партијата. Ниту една партија сѐ уште не ги изменила внатрешните акти и процедури за дефинирање на постапката за барања на информации од јавен карактер.

„Институциите не се доволно транспарентни ниту во сегментот на објавување на информации од јавен карактер од областа на животната средина“, истакна Александра Каракашова Сачкарска од здружението Архус, кое е фокусирано на поголема достапност на информации поврзано со животната средина.

Сачкарска најави дека во рамките на меморандумот за соработка со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ќе се мониторираат институциите во овој процес.

„Државата во изминатите години инвестирала 57,2 милиони евра во процесот на дисперзирани студии, а во учебните 2013/2014 во споредба со учебната 2016/2017 година бројот на средношколци се намалил за 17,5 отсто. Овие податоци се добиени преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и јасно укажуваат колку значајни информации може да се добијат преку овој процес, поради што важно е младите да бидат информирани и активно да го користат ова право, бидејќи само така сите заедно ќе придонесеме до подобрување на состојбите на овој план кои се многу важни за општеството“, истакна Миша Докмановиќ, професор на Правниот факултет, кој е дел и од организацијата ИСИЕ.

Петар Барлаковски, претседател на Младинскиот образовен форум, истакна дека и покрај напредокот, институциите сѐ уште го отежнуваат процесот на добивање информации од јавен карактер, создавајќи бирократски лавиринт и со префрлање на одговорноста.

Владо Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, истакна дека Законот за слободен пристап до информции од јавен карактер е исклучително важна антикорупциска алатка и неговата примена е важна и од аспект на борбата против корупцијата и јакнењето на интегритетот на институциите.

Подигнувањето на свеста на јавноста за важноста од јакнење на интегритетот на институциите и користењето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во борбата против корупцијата се меѓу главните цели на кампањата за интегритет што ја спроведуваат Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Можеби ќе ве интересира

Стапуваат на сила мерките за штедење на струја, институциите ќе мора да ги намалат сметките за 15 отсто

M T

Грковска: Институциите се должни да ги објавуваат јавните набавки на своите веб страници, јавноста мора да има лесно достапни информации како се трошат буџетските средства

M T

Костадиновска-Стојчевска во работна посета на институциите: Годинава повеќе средства за културата во Охрид

M T

СДСМ: Пецаков мора да одговара, ВМРО-ДПМНЕ да престане да го штити и да врши притисок врз институциите

M T

Пријавете непочитување на препораките за коронавирусот на овој број на МВР

CENTAR MKD