23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Еден проблем помалку, чекориме ли кон решение со Бугарија?

Новите влади во Бугарија и Северна Македонија дадоа нов ветер кон решавањето на недоразбирањата меѓу двете држави, што го попречуваат отворањето на преговори за членство во ЕУ на земјава.

По вчерашната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков во земјава, веднаш по седнувањето на функција на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, двете влади веднаш остварија напредок кон решавање на спорот.

Вчера беше договорено дека Бугарија го прифаќа краткото име на земјава, Северна Македонија, со што се направи првиот заеднички чекор и се затвори едно од отворените прашања меѓу двете земји. Земјава испрати нота од Обединетите Нации со која потврдува дека терминот Северна Македонија го означува географскиот простор на Република Северна Македонија и дека нема никакви територијални претензии кон ниту една држава.

Со ваквиот прв чекор двете влади започнуваат кон враќање на довербата меѓу двете држави и полесно и побрзо стигнување до целосен договор и одблокирање на ЕУ интеграциите на земјава.

Двајцата премиери договорија средбите и комуникациите меѓу двете земји на сите ниво да се интензивираат, а тоа ќе започне со заедничка седница на владите на 25 јануари.

Како што најавија Петков и Ковачевски, ќе се формираат повеќе работни групи кои ќе работат на најразлични прашања, почнувајќи од инфраструктура, економија, трговија, европски интеграции, образование и култура. Еднаш неделно ќе има средби барем на една од работните групи со цел остварување на побрз напредок и поголема соработка меѓу граѓаните.

„Кога зборуваме за соработка на деловната заедница, тоа не значи само соработка на претседателите на стопанските комири, туку на претставници на одредени индустрии. На тој начин ќе се зголеми размената, која во овој момент не е на нивото на размена која треба да ја имаат соседни држави“ потенцираше премиерот Ковачевски.

На слична линија беше и Петков кој исткана дека приоритет му е добрососедството, а ги поздрави и министрите за транспорт и врски и воспоставувањето на авио-линијата Софија-Скопје.

„За 30 дена ќе ги имаме потребните спецификации, а за 60 дена ќе започне линијата Софија – Скопје. Така даваме можност на граѓаните слободно да патуваат, да прават бизнис од што корист ќе имаат сите“ потенцираше Петков.

Со воспоставувањето на поблиска соработка меѓу државите и граѓаните ќе се создаде стимул и ќе се дадат аргументи за да се направи и финалниот исчекор за постигнување на договор меѓу двете земји и отворање на патот за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија на Северна Македонија.