Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија ТОП ВЕСТИ

Ковачевски и Петков со економски приоритет, можен ли е излез во македонско-бугарските односи?

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денес се сретна со неговиот бугарски колега, Кирил Петков при што и двајцата претседатели на владите најавија дека односите меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на соработка, пред се во економијата, инфраструктурата, трговијата и деловната соработка.

И двајцата премиери сметаат дека Македонците и Бугарите треба да градат добри одоноси, да се зближуваат и да ја зголемуваат соработката што ќе даде стимул и аргументи за да се направи и финалниот исчекор за постигнување на договор меѓу двете земји и отворање на патот за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија.

На денешната средба премиерите разговараа за воспоставување на работни групи во повеќе области кои значат за граѓаните, за нивната иднина, но се особено важни за младите. Преку тие работни групи ќе се разменуваат ставови и искуства во инфраструктурата, трговијата, економијата, културата, образованието.

„Кога зборуваме за соработка на деловната заедница, тоа не значи само соработка на претседателите на стопанските комири, туку на претставници на одредени индустрии. На тој начин ќе се зголеми размената, која во овој момент не е на нивото на размена која треба да ја имаат соседни држави“ потенцираше премиерот Ковачевски.

На слична линија беше и Петков кој исткана дека приоритет му е добрососедството, а ги поздрави и министрите за транспорт и врски и воспоставувањето на авио-линијата Софија-Скопје.

„За 30 дена ќе ги имаме потребните спецификации, а за 60 дена ќе започне линијата Софија – Скопје. Така даваме можност на граѓаните слободно да патуваат, да прават бизнис од што корист ќе имаат сите“ потенцираше Петков.

Можно ли е новиот пристап кон односите меѓу двете држави и фокусот на економската соработка да ги омекне политичките и историските недоразбирања? Конечно, 30 години по признавањето на независноста на Северна Македонија од страна на Бугарија време е македонските и бугарските граѓани соработката да ја стават пред разликите и да градат мостови кон иднината, а не да се враќаат кон минатото.