Западните политичари не се залагаат соодветно за демократијата, вели во својот годишен извештај Хјуман рајтс воч, но автократите, сепак, ја губат моќта. Хјуман рајтс воч го објави годишниот извештај во кој е опишана состојбата со човековите права во околу 100 земји каде што работи оваа угледна организација. Северна Македонија ја нема во земјите со негативни оценки.
Демократските лидери не успеаја да се справат со сериозните глобални предизвици, како што се климатските промени и пандемијата ковид 19, се вели во извештајот објавен во четвртокот.
Извршниот директор на ХРВ, Кенет Рот, рече дека лидерите во западните демократии честопати биле премногу заглавени во партиски битки и краткорочни преокупации за ефикасно да се справат со проблемите.
„Доколку демократиите сакаат да надвладеат во глобалниот натпревар со автократијата, нивните лидери мора да сторат повеќе отколку да ги истакнат неизбежните недостатоци на автократите“, напиша Рот во воведниот есеј на извештајот.
Пандемијата, исто така, го стави во центарот на вниманието тенденциите на автократите да си служат сами на себе, а многумина од нив поминаа месеци минимизирајќи ја здравствената криза, рече Рот.
„Автократите тврдат дека даваат подобри резултати од демократите, но тие обично испорачуваат главно за себе“, рече шефот на ХРВ, кој рече дека тие од суптилно манипулирање со изборите за зачувување на нивната моќ преминале во очигледни изборни шаради кои ги гарантираат нивните посакувани резултати.
„Она што остана по ваквото бесрамно поткопување на изборите повеќе не е управувана демократија туку „зомби демократија“ – мртовец на демократијата, шарада што нема преправање за слободен и фер натпревар“, додаде активистот за човекови права.
Рот ги критикуваше западните политичари дека покажале слабост во одбраната на демократијата, додавајќи дека овие влади честопати се впуштаат во компромисите на реалполитиката.