22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Хјуман Рајтс Воч посочува проблеми со човекови права во многу земји, Северна Македонија не е меѓу нив

32-то издание на Извештајот на Хјуман Рајтс Воч за човековите права за 2022 година во околу 100 земји во светот во кои работи оваа позната светска организација, констатира опаѓање на моќта на многу автократи, но и проблеми со човековите права во многу земји. Северна Македонија не се најде со ниту една негативна оценка или опис во годинешниот извештај.
Во уводникот, се оспорува општоприфатениот став дека автократијата е во пораст, а демократијата е во опаѓање. Автократите тврдат дека им служат на луѓето подобро од демократски избраните лидери, но тие тоа го прават за себе, додека манипулираат со изборните системи за граѓаните да не можат да донесат негативна пресуда, и се обидуваат да го пренасочат вниманието со расистички, сексистички, ксенофобични или хомофобични апели.
Според извештајот, пандемијата со Ковид-19 ја истакнала оваа тенденција. Многу автократски лидери ја минимизирале пандемијата, вртеле грб на научните докази, ширеле дезинформации и не ги преземале потребните мерки за заштита на здравјето и животот на населението.
Одговорот кон автократите често бил обединување на опозициските политички партии, кои почнале да ги ставаат настрана разликите за да изградат сојузи и да изгласаат симнување на корумпирани политичари или репресивни лидери од функцијата. Како пример се посочува Чешка, каде неверојатна коалиција го победила премиерот Андреј Бабиш, и Израел, со уште поневеројатна коалиција која стави крај на долгогодишното владеење на премиерот Нетанјаху. Слични широки сојузи на опозициските партии се формираа за претстојните избори против Виктор Орбан во Унгарија и Реџеп Таип Ердоган во Турција.
Сепак, за да ги убедат луѓето да го напуштат самоволното владеење на автократите, демократиите треба да е подобрат во справувањето со општествените проблеми, пишува во извештајот на Хјуман Рајтс Воч.