23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Маричиќ: Трагикомично е да ме напаѓаат за влијание врз судството луѓето кои беа симбол за заробено судство

„Целта на моето повикување на судиите да ја образложат одлуката за пуштање на Сашо Мијалков од притвор ми беше да ги повикаме судската и обвинителската фела на отченост пред јавноста, ништо повеќе. Трагикомично е што двајцата кои се истакнаа во нападите, Михајло Маневски и Јово Вангеловски, се луѓе кои беа симбол на заробеното судство во минатото“ кажа министерот за правда, Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“.

Тој додаде дека ниту има влијаено, ниту сака да влијае врз одлуките на судот. Неговото јавно прозивање било само повик на судиите да ги објаснат одлуките во јавноста, бидејќи, како што кажа Маричиќ, јавноста секогаш ја обвинува извршната власт за добрите, но почесто за лошите или неиздржани судски одлуки.

„Единствен притисок кон судиите и Судскиот совет од моја страна е да ја вршат работата чесно, професионално и одговорно во рамките на законот. Доколку јас сум користел притисоци, тоа сигурно нема да го правам јавно преку Фејсбук статус. Јово Вангеловски и Михајло Маневски добро знаат што е притисок врз судството. Во тоа време немаше Фејсбук статуси, но затоа имаме меѓународни извештаи во кои се опишани механизмите со кои вршеле притисок“ кажа Маричиќ.

Тој додаде дека тој нема да пишува статуси доколку сакал и можел да влијае врз судството. Министерот сепак додаде дека можеби не е правилно тоа што јавно ги сподели имињата на судиите, но кажа дека нема друг начин како извршна власт да се одбранат од нападите, освен да го повика судот да ги објасни одлуките.