Од 130-та седница на Владата: Донесена одлука за намалување на ризиците за раст на цената на струјата; Утврдена нова стратешка инвестиција во енергетиката вредна 184 милиони евра; Започна усогласувањето со телекомуникациските оператори за ставање во функција на единствениот европски број за алармирање на кризи и опасности 112
На денешната 130-та седница, Владата донесе измени и дополнувања на Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.
Со предложените измени, во услови на кризна состојба се овозможува ЕВН ХОМЕ да не набавува електрична енергија од повластените производители на електрична енергија коишто користат обновливи извори на енергија со што се намалуваат трошоците за набавка на електричната енергија на ЕВН ХОМЕ затоа што енергијата наместо од повластените производители ќе се обезбеди преку АД ЕСМ Скопје по пониски цени со што се намалуваат факторите кои влијаат на висината на цената на струјата за крајните корисници.
Дополнително, имајќи ги предвид високите цени на електрична енергија на отворениот пазар на електрична енергија, количините на електрична енергија од повластените производители ќе се распределат кај сите останати снабдувачи и трговци.
Со тоа ќе се зголеми делот од електричната енергија од повластените производители во вкупното портфолио на снабдувачите и трговците, и тие ќе имаат финансиска корист затоа што просечната цена на електричната енергија од повластените производители во тековниот период е значително пониска од цената на електричната енергија на отворениот пазар.
На оваа своја седница Владата ја донесе Програмата за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2022 година.
Програмата ја уредува вкупната инсталирана моќност на електроцентралите по вид на технологии за кои ќе се доделува премија по спроведена тендерска постапка и склучени договори за користење на премија во 2021 година и износот на средствата потребни за исплата на премиите за произведената и продадена електрична енергија во 2022 година.
Корисници на средства од оваа програма се производителите на електрична енергија коишто во согласност со Законот за енергетика се стекнале со право на користење на премија.
За реализација на оваа програма се обезбедуваат 20.000.000,00 денари и кои се утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година. Средствата на оваа програма се доделуваат врз основа на договори за користење на премија склучени помеѓу Министерството за економија и корисникот на средствата, коешто е одговорно и за начинот и динамиката за реализирањето на оваа програма.
Владата донесе Одлука со која се утврдува статус на стратешки инвестиционен проект на проектот „Фотоволтаични електрани во Јамуларци и Скандалци“ на Друштвото за производство и промет со електрична енергија од обновливи извори „ПРОМАРК ЕНЕРЏИ ДООЕЛ“ Скопје.
Фотоволтаични електрани во Јамуларци и Скандалци се со вкупен капацитет од 280 мегевати, а вредноста на инвестицијата изнесува 184 милиони евра.
Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата на Центарот за управување со кризи (ЦУК) за потребата од обезбедување на телекомуникациски сервиси за единствениот комуникациско-информативен систем со единствен број на повикување во случај на ризици и опасности и други несреќи на целата територија на државата Е-112.
Согласно препораките на ЦУК, Владата ги прифати заклучоците за телекомуникациските оператори Телеком и А1 Македонија да бидат задолжени да ги активираат сервисите за Е-112 бесплатно за корисниците и за операторот на системот за алармирање.
Како заклучок е усвоена и препораката операторите да обезбедат бесплатно препраќање на СМС пораките, за корисниците и за операторот на Е-112 системот, кои ќе бидат упатени преку единствениот број на повикување во случај на ризици и опасности и други несреќи на целата територија на државата Е-112, како и да ја обезбедат бесплатно услугата на E-call за повиците кои ќе доаѓаат од автомобилите.
На денешната владина седница е утврден и текстот на Предлог-законот за платежни услуги и платни системи кој треба да го замени постојниот Закон за платниот промет донесен во 2007 година.
Со новото предлог законско решение се усогласуваат одредбите од платниот промет со Директивата 2007/64/ЕЗ за платежни услуги и Директивата 2009/110/ЕЗ за електронски пари на Европската Унија како на укажувањата на Европската комисија дека домашното законодавство не е усогласено со директивите на ЕУ.
Станува збор за предлог законско решение со реформски карактер со кое што ќе се обезбеди сигурен, стабилен и ефикасен платен систем во Република Северна Македонија во согласност со европското законодавство.
На денешната седница е донесена Стратегијата на Владата на Република Северна Македонија за соработка со и развој на граѓанското општество, со Акциски план 2022-2024.
Стратегијата е резултат на препознаената потреба за унапредување на механизмите за соработка со граѓанското општество, а мерките што се преземаат со оваа стратегија на институционално ниво се насочени, меѓу другото, и кон одржување на континуитетот во работата на независен, репрезентативен, оперативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и за подобрување на практиките за комуникација и соработка со граѓанските организации.
Со цел унапредување на околината во која работи и се развива граѓанското општество, Советот ќе продолжи да биде двигател на реформата на системот на државно финансирање на граѓанските организации, воспоставувањето структурен дијалог со граѓанското општество и креирањето модел за учество на граѓанските организации во идната преговарачка ЕУ структура на земјата.
Како дел од приоритетите во Стратегијата утврдени се унапредување на правната рамка за граѓанските организации; зајакнување на институционалната рамка и практиките на соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија, органите на државната управа и граѓанските организации, воспоставување даночна рамка којашто одговара на спецификите на работењето на граѓанските организации и го овозможува нивниот развој, како и унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации.
На оваа седница на Владата се прифатени информациите за повеќегодишно плаќање на јавна набавка на работи за реализација на проектите за реконструкција и доградба на ЈЗУ Универзитетска Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, на КАРИЛ – Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување и на ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања, во Отешево.
Владата денеска ја донесе Одлуката за одобрување средства од Буџетот за 2021 година за реализација на Програмата за поддршка за печатените медиуми.
Согласно одлуката, 30 милиони денари ќе им бидат распределени на 11 медиумски компании кои ги исполниле условите на јавниот повик за поддршка за печатење и дистрибуција.