22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Земјоделци, проверете ги сметките – Државата исплати 750 милиони денари во вид на помош и субвенции по разни основи

Прес-конференција на СДСМ, Гоце Георгиевски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ:

Изминатава недела ја заокружуваме со големи активности во земјоделскиот сектор.
Го подмладуваме човечкиот капацитет во земјоделството. На 50 млади луѓе од сите региони на државата им беа доделени договори за финансиска поддршка во форма на грантови за започнување со земјоделска дејност. Од нив, 22 се жени.

Овие млади лица ќе имаат можност да ги спроведат деловните планови со кои аплицирале на јавниот повик и да инвестираат во опрема за преработка, пост- бербени активности и земјоделска механизација. Би сакал да им честитам и да им посакам многу успех. Владата предводена од СДСМ е силно посветена на развојот на младите во руралните средини. Ваквиот тип на поддршка, продолжува и во новата 2022 година.

За нашата посветеност, говори реализацијата на мерките за финансиска поддршка во земјоделството.
Само во изминатата недела по повеќе основи беа исплатени околу 750 милиони денари и тоа:

На сметките на околу 6.500 млекопроизводители се исплатени над 220.000.000 денари како дополнителни плаќања од 3.5 денари / литар за предадено кравјо млеко, односно 4.5 денари / литар за предадено овчо и козјо млеко.

На сметките на 7689 лица исплатени се 84.4 милиони денари за вршење на земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности.

63.6 милиони денарисе исплатени за предадени јагниња во кланичен капацитет.

8.5 милиони денари се исплатени на сметките на сите живинари кои имаат пријавено бројлери во кланични капацитети за периодот од мај 2019 – септември 2020 година.

Исплатена е поддршката за саден и семенски материјал и тоа – 39.3 милиони денари за произведен лозов и овошен саден материјал и 35.3 милиони денари за произведен сертифициран семенски материјал.

27.2 милиони денари се исплатени за субјектите кои пријавиле дека имаат одгледани и продадени амортизирани несилки.

Владата продолжува со својата заложба за развој на органското производство. 778 сертифицирани органски производители ги добиваат заслужените субвенции во вкупна висина од 113 милиони денари.

На 7674 фармери и пчелари кои ги зголемиле своите основни стада, односно пчелни семејства се исплатени 39 милиони денари.

Сточарите кои задржале женско јаре / јагне се исплатени во износ од 1.6 милиони денари.

Ова е темпото со кое се работи во интерес на земјоделците.

Почитувани лозари, овоштари и оризари, наспроти сите лаги и шпекулации од кујните на опозицијата, изминатава недела се донесе уште една важна работа. Набрзо пристигнува и ветената поддршка од пакетот мерки за ублажување на последиците од КОВИД кризата. Изминатата недела, пратениците од парламентарното мнозинство го изгласаа Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19 врз производството и откупот на земјоделски производи.

Без ни да се потрудат да го сокријат лицемерието, пратениците на ВМРО ДПМНЕ и опозицијата, не гласаа за донесувањето на овој закон. Земјоделци, имајте го ова на ум следен пат кога ќе се обидат да ве изманипулираат.

2021 година ја бележиме како година со најсилна динамика во реализација на програмските мерки. Како последен прес за земјоделството во оваа 2021 година, од мое име, од името на сите членови на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ, ви посакувам уште поуспешна, просперитетна и плодна нова година.