„Стопирани се капитални проекти за Град Скопје, поради личен хир или непознавање на проблемите на граѓаните од страна на градоначалничката Данела Арсовска. Сведоци сме на раскинување на потпишани договори за клучни проекти за граѓаните“ кажа советникот во Град Скопје, Мартин Попов во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Тој додаде дека периодот по стапувањето на функција на градоначалничката Арсовска е само потврда на нејзината неспособност за вршење на фуннкцијата.
„Арсовска даваше ветувања дека директорите на јавните претпријатија доклку се покажат и имаат резултати нема да бидат сменети и ќе им биде дозволено да продолжат да работат, но видовме разрешување на директорите. Сведоци сме на разрешувања без конкретни одговори зошто истите се прават“ кажа Попов.
Тој додаде дека тажно е што Скопје останало неукрасено за новогодишните празници и кажа дека градоначалничката треба да има предвид дека таквиот нејзин однос кон Скопје и празниците има негативни ефекти и кон другите стопански гранки кои функционираат во главниот град.
„Нема со што да привлечеме туристи за Нова Година и да ги наполниме туристичките капацитети. Дополнително Арсовска кажа дека до 10 декември, Скопје ќе биде накитен со донации, па се пролонгираше до 15 и се уште скопје не е украсено. Не знам во чие име градоначалничката одлучува да прими донации, кога надлежен за тоа е Советот на Град Скопје“ кажа Попов.