24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски на средба со амбасадорот Гир: Очекуваме поддршка од ЕУ, реформите интензивно ги спроведуваме

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, заедно со секретарот за меѓународна соработка на партијата, Бојан Маричиќ, утрово се сретна со амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир.

На средбата се разговараше за повеќе актуелни теми, важни за реформите и за евроинтегративниот процес на државата.

Претседателот Ковачевски се заблагодари на постојаната поддршка од Европската Унија и истакна дека како новоизбран претседател на СДСМ и иден претседател на Владата пред себе има поставено неколку приоритети во работата, ефикасност на институциите, решавање на предизвиците со енергетската криза и пандемијата, реализација на економски реформи, неселективна борба против корупцијата, кои ќе доведат до повисок економски стандард и напредок на евроинтеграцискиот пат на државата.

„Во сите овие приоритети ЕУ ја гледаме како наш партнер. Владата предводена од СДСМ останува посветена на барање заедничко прифатливо решение во согласност со европските вредности. За прашањето со Бугарија, има одредени сигнали од премиерот Петков и очекувам да дојдеме до решение. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат според вредностите на стандардите и вредностите на ЕУ, затоа ќе се посветиме на реформите што овие вредности ги носат во нашата држава“, порача Ковачевски.

Претседателот Ковачевски истакна дека идната влада што тој ќе ја предводи ќе биде составена од докажани, професионални и угледни личности, а работата на владата ќе се фокусира на зелената агенда, унапредување на економскиот стандард и посветена борба против корупцијата.

Амбасадорот Гир упати честитки до претседателот Ковачевски за неговиот избор додавајќи дека и тој и новата влада ќе продолжат да имаат силен сојузник во ЕУ и дека тоа ќе се покаже на дело. Тој посочи дека Унијата ќе помогне да се дојде до заедничко прифатливо решение со Бугарија, со цел Северна Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ.