23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски по средбата со Ахмети: Предвремени избори што побргу, а во спорот со Бугарија да не се коленичи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, рече дека разговарале за Бугарија и за предвремени парламентарни избори.

Во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски рече дека треба да се почитува резолуцијата усвоена од македонскиот парламентот од сите политички партии.

„Изразив загриженост поради фактот што колку повеќе ги напуштаме нашите преговарачки позиции, толку повеќе барањата од нашиот источен сосед се поголеми и на тој начин само се уништува преговарачката позиција и ништо не се добива за возврат. Јас лично и ВМРО-ДПМНЕ цениме дека треба да се напушти принципот на коленичење и сервилност, треба да се покаже карактер и да се вложиме максимално сите за да го покажеме тој карактер. Доста е од срамови и понижување. Народот е фрустриран“, рече Мицкоски.

Во врска со темата за предвремени парламентарни избори, Мицкоски смета дека е потребно тие да се одржат што побргу.

„Имајќи предвид дека како ВМРО-ДПМНЕ можеби бевме и предмет на критика од страна на јавноста бидејќи бевме некако молчаливи изминатиов период и не бевме присутни во јавноста само со една цел, да не си најде некој изговор дека, ете, ВМРО-ДПМНЕ е виновна зошто ние не ја добиваме датата за почеток на преговорите. Но, сега веќе кога и повеќе од јасно е дека поминува и декември, се бараат нови шест месеци за преговори, едноставно последниот адут што го имаше оваа Влада заминува во неповрат. Имајќи ги предвид состојбата во општеството, криминалот и корупцијата нефункционалните институции, недисциплината, лошата економска и енергетска состојба во земјата и уште многу други фактори што негативно влијаат, мојот став е дека само со сериозен ресет на системот, многу макотрпна работа и нови луѓе можеме да излеземе од оваа кризна состојба во која се наоѓаме, а за тоа се потребни предвремени парламентарни избори, така што јас го кажувам мојот став, не ставот на господинот Али Ахмети, дека предвремени парлaментарни избори се потребни што побргу од овие причини и овие аргументи што ги имаме. Сепак, во моментот ВМРО-ДПМНЕ е најголема пратеничка група со најголем број грaдоначалници и советници, има политичко право и кредибилитет да бара предвремени парламентарни избори бидејќи победи двапати на локалните избори – и во првиот и во вториот круг убедливо“, рече Мицкоски.

На средбата со Ахмети не станало збор за формирање експертска или техничка влада.