23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Со посветена работа, носење одговорност и исполнување на целите ќе ја вратиме довербата на граѓаните

Довербата се стекнува низ работа и низ остварување на целите коишто се зацртани, а мојата заложба е нив да ги исполниме, рече Димитар Ковачевски кандидатот за нов претседател на СДСМ, при гостувањето на МРТ. Според него во оваа фаза во која се наоѓа партијата важно е да се отворат клучните прашања за проблемите во општеството, да заживеат месните организации, да се активираат старите членови кои со времето станале пасивни и да се формира одговорен и посветен тим кој носи одговорности.

„Јас зборувам за тим којшто е одговорен и посветен, а не дали некој има доверба или недоверба во него. Довербата се стекнува низ работа и остварување на целите коишто сте ги задале. Можете вие да имате доверба во некого неограничено, меѓутоа доколку тој или таа, вклучително и јас, не ги извршува задачите, не ги исполнува роковите и не испорачува тоа што е ветено, тогаш чисто да се има доверба заради доверба, а да се нема одговорност и перформанси- не е корисно. Затоа луѓето секогаш ги гледам дали може да работат тимски, односно да проектираат заедништво и единство во партијата, дали се одговорни во својата работа и дали правно одговараат согласно законските санкции затоа што единствено така ќе можеме да ги оствариме целите кои сме си ги задале, а со тоа и да ја вратиме довербата на граѓаните“, рече Ковачевски.
Притоа Ковачевски напомена дека многу е важно да се заживеат комисиите кои треба да бидат генератори на носење на политики коишто ќе ги адресираат најголемите проблеми од општеството. Тој исто така рече дека е важно да се зајакне потенцијалот на партијата со нови стручни лица коишто ќе донесат нови идеи коишто ќе може да се промовираат како нови политики. Воедно, тој верува дека новата влада која ќе биде формирана ќе биде насочена кон евроинтеграциските процеси во државата и кон заштитата на животниот стандард на граѓаните.