14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Mихаел Рот за евроинтеграциите: „Не откажувајте се!“

Не откажувајте се! – порача Михаел Рот, актуелен пратеник во Бундестагот од редовите на СДП и довчерашен германски министер за Европа.

Тој денеска во Берлин се сретна со вицепремиерот Никола Димитров, пришто упати порака за долгоочекуваниот почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, што е попречен поради бугарското вето.

„Не откажувајте се! Не откажувајте се и мојата порака до моите истакнати пријатели во Брисел и низ целата Европска Унија е – да ги одржиме нашите ветувања. Мораме да испорачаме“, рече Рот.

Тој изрази благодарност до Македонците. Истакна дека има многу пријатели во регионот на Западен Балкан и особено во Северна Македонија.

„Вашиот народ го заслужува најдоброто, а тоа е ЕУ-перспектива. Новата влада останува посветена на тоа, трите партии кои ја формираа новата влада остануваат посветени и многу работиме на изнаоѓање мудро решение за да се надминат билатералните спорови. Луѓето во Северна Македонија постигнаа многу и знам дека е долг и трнлив пат, но на крајот вреди. Сегашната европска перспектива гарантира работни места, просперитет, стабилност, мир, регионално помирување и владеење на правото и почитување на етничките, верските и сексуалните малцинства. Ви посакувам сé најдобро и многу ви благодарам за одличната соработка со мојот пријател Никола и со многу други, вклучително и претставници на граѓанскиот сектор“, изјави Рот.

Вицепремиерот Димитров изрази благодарност за дејствувањето на Рот од неговата позиција за отворање пристапни преговори со Северна Македонија во светло на заедничката кауза за обединета Европа.

„Во текот на нашата соработка, успеав одблизу да се запознаам со вредностите што ги застапуваше во текот на извршувањето на функцијата, како и со принципиелните ставови на Германија и доследноста кога станува збор за комплетирање на Европа со земјите од регионот. Таквата поддршка даде огромна сила на нашите напори за европеизација на Северна Македонија и издржливост во моментите на разочарување од неисполнетото европско ветување. Имајќи го предвид сето ова, уверен сум дека Германија ќе продолжи да дејствува во насока на зајакнување на кредибилитетот на Унијата, а во тие напори секогаш ќе имаме сојузник и пријател во ликот на Михаел Рот“, рече Димитров.

Претходно денеска Димитров порача дека ЕУ за да биде глобална сила, прво треба да оствари влијание на Балканот.

Спонзорирано: