24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Проштална средба Шахпаска-Томан: Поддршката од Република Чешка е значајна за евроинтегративниот процес

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари проштална средба со досегашниот амбасадор на Република Чешка во Република Северна Македонија, Мирослав Томан, кому на крајот на годинава му завршува мандатот.

Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашната соработка меѓу двете земји и изразија подготвеност во наредниот период таа да се интензивира уште повеќе, особено во делот на евроинтеграцискиот процес.

„Министерката Шахпаска и амбасадорот Томан имаат долгогодишна соработка во унапредувањето на односите меѓу двете земји, дополнително што министерката Шахпаска , во периодот кога беше пратеник во републичкото Собрание, беше шеф на Парламентарната група на Собранието на РСМ за соработка со Чешкиот Парламент“, е наведено во соопштението од кабинетот на Шахпаска.

На средбата било разговарано за процесите низ кои помина нашата држава во последните четири години и за позитивните промени што овозможија Република Северна Македонија да стане членка на НАТО и да очекува почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

Минстерката Шахпаска го информираше амбасадорот Томан за клучните реформи што ги спроведува Министерството за труд и социјална политика, како во делот на социјалата, така и во делот на работните односи. Министерката Шахпаска информираше дека целосната инклузија е врвен приоритет.