23.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) СДСМ: Стабилно мнозинство ќе донесе минимална плата од 18.000 и недела неработен ден

Знаеме зошто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица ги блокираат измените во Законот за работните односи: тоа го прават за нашето општество да не добие позадоволни и попродуктивни работници и работнички на пазарот на труд, иако од тоа бенефит да имаат сите, рече на денешната прес-конференција, Милан Живковиќ, претседател на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

„Ваквите измени на Законот, нормално, не им одговараа да се случат пред локалните избори.

Од истите причини ги блокираат и законските измени со кои 4.700 наставници и стручни соработници во основното и средното образование ќе добијат решение за трајно вработување со што ќе стенат правна и економска сигурност.

Од истите причини го блокираат и предлог Законот за отпис на камати на долгови, со што на над 150.000 граѓани ќе им се помогне да го решат проблемот со задоцнетото плаќање на долговите кон јавните и државни претпријатија.

Од истите причини пратениците од опозицијата најверојатно ќе се обидат да го блокираат и веќе најавеното зголемување на минималната плата на 18.000 денари планирано за јануари 2022 година.

Долго време го блокираа и субвенционирањето на платите од 14.500 денари со пакетите антикризни мерки и не ни помислија како преживуваат работниците и работничките тие неколку месеци колку што им траеше блокадата“, посочи Живковиќ.

Тој ги повика пратениците од опозицијата да престанат, со како што кажа, евтините политички трикови и да ги тргнат блокадите што континуирано ги поставуваат.

Во исто време Живковиќ ги увери работничките и работниците дека зголеменото и стабилно парламентарно мнозинство повторно ќе ги порази блокадите.

„Владата предводена од СДСМ, како и досега ќе продолжи да работи во интерес на сите граѓани и граѓанки, ќе обезбеди повисока минимална плата а недела ќе биде неработен ден“, кажа претседателот на партиската комисија за труд и социјална политика.