Туризмот во Македонија е една од основните причини поради која илјадници посетители во изминатиот период го посетиле нашиот павилјон во рамки на ЕКСПО 2020 Дубаи.
Во интервју за „Локално“, генералниот комесар на Република Северна Македонија, Бекри Ајдини открива дека сите заинтересирани биле воодушевени од природните убавини и богатства на нашата земја.
„Претставена е како атрактивна туристичка дестинација во сите четири сезони, дестинација која нуди можности за авантуристички спортови и највкусна храна, а се се прикажува преку видео материјали. Воедно, посетителите имаат можност да се запознаат со карактеристичните животни за нашите простори, балканскиот рис и златниот орел кои се изложени на павилјонот, како и од нашата богата култура и традиција претставена преку традиционалните носии и старите артефакти автентични за нашата земја“, вели Ајдини.
Ајдини е задоволен од начинот на кој Република Северна Македонија се презентира како успешна приказна, земја со богато историско и културно наследство, каде во хармонија живеат различни етнички заедници. Посебен акцент е ставен на презентирањето на земјава како дестинација на можности за странски инвестиции, бизнис поволности и економска и трговска соработка. Со дополнителни панели се претставени и слободните економски зони, можностите за соработка во земјоделството, енергетиката и сл.
Ајдини посочува дека во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ постои одлична соработка помеѓу павилјоните на Р.Северна Македонија, Р. Србија и Р. Албанија.
„Пред неколку дена имав средба со претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж кој беше во посета на нашиот павилјон. Ги разгледавме можностите за соработка, како и искористување на нашите можности и простории за поддршка и помош на бизнис компаниите од нашите земји, со цел подобро преставување пред партнерите од Обединетите Арапски Емирати, но и пред целиот свет“, посочи Ајдини.
Стопанствениците од Македонија и Албанија ја прифатија понудата на Српската стопанска комора бесплатно да го користат Бизнис хабот на Србија. „Ова е дел од заедничката иницијатива „Опен Балкан“ и само на овој начин можеме да станеме посилни“, беше пораката на претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж.
Северна Македонија ќе биде во центарот на светската јавност на 22-ри февруари 2022 г., кога во рамки на ЕКСПО 2020 Дубаи ќе се одржи централна културна манифестација и бизнис форум за промоција на инвестициските можности.
На оваа светска изложба, инаку една од најголемите во светот, учествуваат над 190 земји, а се очекуваат над 25 милиони посетители.
извор Локално.мк