22.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Апасиев е против НАТО, Косово и Преспанскиот договор, како Алијанса и Беса ќе коалицираат со ваква партија?

Една од најрадикалните политички структури во земјава, која се залага за напуштање на НАТО сојузот и е отворено против евроинтеграциите е една од клучните партии од новото парламентарно мнозинство на Христијан Мицкоски. Левица предводена од Димитар Апасиев сепак се присоедини во коалиција на чие чело е ВМРО-ДПМНЕ, иако пред само две недели Апасиев се спореди со кубанскиот лидер Фидел Кастро, најавувајќи дека ќе ги следи неговите политички чекори.

-Првата политичка партија во која учествувал Кастро е партијата Ортодоксо. Тогаш освојуваат само 2 (две) пратенички места во кубанскиот парламент. Ставот на младиот стратег Фидел е: „Не смее да има никакво коалицирање со партии кои имаат дамки во своето работење! КОАЛИЦИРАЊЕТО ЌЕ ЈА РАЗВОДНИ ИДЕОЛОГИЈАТА. Од тоа корист ќе имаат само нашите ривали“, напиша Апасиев на фејсбук.

Идеологијата која ја застапува Левица, барем на изглед, во голема мера е со дијаметрално спротивни ставови од поголемиот дел од лидерите со кои Апасиев вчера седна на иста маса.

Левица во својата програма од сферата на надворешната политика, освен јасните заложби за поништување на Преспанскиот договор и ревидирање на Договорот за добрососедство со Бугарија, понуди низа неприфатливи решенија за поголемата јавност, а особено за новите партнери од парламентарното мнозинство. 

Една од првите цели кои ги наведоа е отповикување на признавањето на Косово, Израел и Јужна Кореја. Понатаму, оваа партија се залага за итно отчленување од НАТО и безусловно повлекување на сите безбедносни сили од странски воени мисии кои немаат мандат од ООН. Во исто време, нејзина определба е обновување на официјалните контакти со Движењето на неврзаните.

Од друга страна, уште пред локалните избори од Алијанса за Албанците и Алтернатива истакнаа дека нема да коалицираат со партии кои се против Преспанскиот договор. Од БЕСА исто така потврдија дека нивниот курс е зачленување во Европската унија и почитување на билатералните договори со соседите. Од ВМРО-ДПМНЕ, чиј став за Преспанскиот договор останува во магла, последниве денови потврдија дека има нова реалност која ќе ја почитуваат, иако не го променуваат ставот за поинаков тек на разговорите со Бугарија, од што всушност и директно зависат евроинтеграциите.

Спонзорирано: