Кандидатот на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, попладнево се обрати пред граѓаните на Карпош велејќи дека по првиот круг изборот е многу јасен.
„Имаме едноставен избор, дали сакаме градот да го движиме напред, да стане модерна европска престолнина или да го вратиме назад во лагите, во стиропорот, во митовите и лажната бронза што ни ја сервираа“, посочи Шилегов додавајќи дека џабе ВМРО-ДПМНЕ се крие зад т.н. независни кандидати.
„Не поминаа неколку дена од првиот изборен круг и ги видовме какви се всушност, какви се во својата душа, па велат Скопје бил вмровски град – не, Скопје не е вмровски град, Скопје не е сдсмовски град, Скопје не е на ниту една политичка партија, Скопје е на вас граѓаните“, порача Шилегов.
Тој пред карпошани истакна дека во изминатите четири години сите скопјани силно и храбро го придвижиле градот напред преземајќи смели чекори.
„Денеска се распиша тендерот, по 40 години, конечно, распишан е тендерот за БРТ, државен проект потпомогнат од Владата, она што 40 години нашите претходници, она што 27 години ВМРО-ДПМНЕ не успеа да го направи, за две и пол години го доведовме до реализација, со тие два коридора, со БРТ во средина, Скопје ќе стане град со најголема пешачка зона во Европа“, најави Шилегов.
На крајот тој ги повика гласачите на 31 октомври да излезат и да гласаат за заедничко Скопје, кое ќе биде модерно, европско и, како што рече, посветено на сите граѓани.