15. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
вестБИЗНИСИЗБОР

Нацевска: Денарот е стабилен, инфлацијата умерена – движењата на меѓународните пазари ќе се стабилизираат во 2022 година

Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а „подгревање“ на инфлациските движења не е потребно, порача вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска, во гостување на емисијата „Утрински брифинг“.

– Причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8%, во однос на очекувањата за раст од 2,2% за целата година, се на страната на понудата. Тоа се должи, пред сѐ, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата. Со закрепнувањето на глобалната економската активност, доаѓа до побрз раст на побарувачката во однос на понудата и создавање тесни грла во снабдувањето коишто прават ценовни притисоци. Оцените на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и на други меѓународни организации, коишто ги следат овие движења, се дека оваа состојба е од привремен карактер и очекувањата се дека таа ќе се надмине во текот на идната, 2022 година. Ние сме земја којашто енергетски и суровински е зависна од увозот и движењата на светските берзи се одразуваат и на домашните цени ‒ на цените на храната и други производи. Оттаму доаѓа овој ценовен раст ‒ посочува вицегувернерката Нацевска.

Сепак, вицегувернерката истакнува дека дополнителните инфлациски „подгревања“ и нивното неосновано вградување во цените од страна на домашните економски субјекти може да доведе до раст на инфлацијата, што не е потребно, ниту, пак, е засновано на објективни економски параметри.

– Простор за паника од инфлација нема, но треба да се однесуваме одговорно и не треба неосновано да се создаваат ценовни притисоци онаму каде што нема потреба, бидејќи тоа ќе се одрази на целата економијата. „Подгревањето“ на инфлациските очекувања е нешто што може да доведе до раст на цените. Во вакво сценарио, централната банка реагира преку монетарната политика, вклучително и со раст на каматната стапка, што сепак не е пожелно во услови кога нема нерамнотежи, а на економијата сѐ уште и е потребна поддршка за закрепнување од пандемијата ‒ вели Нацевска.

Нацевска посочува и дека кондицијата и подготвеноста на Народната банка го потврдуваат капацитетот за остварување на основните цели, а потврда за тоа е и макроекономската стабилност одржувана без прекин во изминатите 26 години.

Тоа е и благодарение на капацитетот на девизни резерви, којшто со годините го изградивме. Нивото на девизни резерви е соодветно, со покриеност на идниот увоз од околу пет месеци. Ние секојдневно ги следиме движењата на девизниот пазар, а да посочам дека во третиот квартал на девизниот пазар и откупивме вишок на девизи. Денарот е стабилен и ќе биде стабилен, а надворешните фактори и случувања не влијаат на стабилноста на курсот ‒ посочува вицегувернерката.
Во емисијата, вицегувернерката Нацевска истакнува и дека за одржување на ценовната и финансиската стабилност, од големо значење е независноста на Народната банка, којашто се споменува во сите извештаи на Европската комисија.

Можеби ќе ве интересира

Приклучете се на ХалкЕко, за активно лето со еко придобивки

ДЕСК

Свечено отворање на Dioptra Optic Urban Concept – првиот store-in-store оптички концепт во Македонија

ДЕСК

Советот на Народната банка донесе одлуки за унапредување на заштитата на потрошувачите на финансиски услуги

C +