5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Наумоски: Арсовска ги понижи и потцени албанските гласачи во Скопје

Во својата колумна „Второ полувреме“, објавена во Слободен печат, Никола Наумоски укажува дека ќе биде интересно да се види дали албанските гласачи кои гласаа „За модерно Скопје“ пак ќе гласаат за кандидатката на Арсовска, откако почна да слави со истакнати антиалбански активисти блиски на ВМРО-ДПМНЕ. Наумоски дава неколку примери на понижување и потценување на албанските гласачи во Скопје:

„Како прво, еден познат новинар, пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ повторно почна да сее поделби и омраза во Скопје, криминализирајќи цели општини во градот како „нарко-дилери“ (жителите на Сарај, Чаир и Шуто Оризари), затоа што таму Шилегов остварил голема предност. Ќе биде интересно да се види дали навредените граѓани од Сарај, Чаир и од Шуто Оризари, кои гласаа за Арсовска во првиот круг, повторно ќе гласаат за неа или, пак, предноста на Шилегов во овие општини ќе биде уште поголема. Дали означувањето на гласачите од Чаир, Сарај и од Шуто Оризари како криминални гласачи ќе покрене револт кај граѓаните на овие општини и ќе резултира со губење голем дел од тие над девет и пол илјади гласови што г-ѓа Арсовска ги доби во првиот круг?“

Вториот пример што го дава Наумоски е селфито на Арсовска со Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ:

„…Арсовска пред некој ден гордо се фотографираше со претседателот на патриотскиот институт Александар Пандов, многу добро познат по своите антиалбански ставови кај албанската популација во Македонија. Објавувањето на такви слики кај кандидатката која претендира да ги добие албанските гласови во вториот круг ми наликува како предвременото славење на навивачите на Милан на полувремето на финалето во 2005 година. Дали појавувањето на Пандов на фотографиите на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги мотивира илјадниците албански гласачи кои го дадоа гласот за неа во првиот круг, да ја гласаат повторно? Лично, се сомневам“ – вели Наумоски.

Третиот пример што го дава Наумоски е појавувањето на Данела Арсовска со Ленин Јовановски, кој стана познат во јавноста по своите заеднички фотографии со Путин: „Моторџијата Ленин Јовановски (како и „коњаникот“ Пандов) беа едни од најверните поддржувачи на антиалбанското движење „За заедничка Македонија“, кое во 2017 скандираше антиалбански слогани „За чиста Македонија“ и сееше параноја против „Тиранската платформа“. Додека во Скопје во 2017 година се одржуваа антиалбански протести во кои симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ пееја песни против Албанците и се скандираше „чиста Македонија“, моторџиите на Ленин ги поддржуваа, а Александар Пандов за ТВ Нова изјави дека не постоеле Албанци што ѝ посакувале добро на Македонија. Пандов беше исмеан во прилогот „Неделна саботажа“, каде што неговата антиалбанска изјава беше пуштена заедно со голови на фудбалските репрезентативци на Македонија – Шаќири, Ибраими и Барди“.

Наумоски укажува во колумната дека потценувањето на албанските гласови може да биде причина за промена на резултатот во второто полувреме од битката за градоначалник на град Скопје.

Фото Фејсбук профил на Никола Наумовски