Интегрален текст од изјава на кандидатот за градоначалник, Христо Кондовски:
Почитувани сограѓани,
Кога во еден град егзистира современ, еколошки и добро организиран јавен градски превоз, употребата на сопствените возила е се помала, што позитивно се одразува врз локалниот живот.
Токму затоа, достапен јавен превоз по мерка на човекот е еден од главните приоритети на идното живеење.
Во оваа смисла, покрај најавеното воведување на нови и дополнителни линии, покрај набавка на мали еколошки возила кои на најефикасен начин ќе одговорат на потребите на битолчани, на задоволство на граѓаните најавувам:
БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ СЕКОЈ РАБОТЕН ДЕН во периодот кога нашите сограѓани одат и се враќаат од работните места.
Тоа значи бесплатен јавен превоз во два термини дневно, односно во претпладневните и во попладневните часови.
Преку оваа значајна мерка очекувам да се зголеми атрактивноста на јавниот превоз што ќе ги промени животните навики на граѓаните за превоз до работното место и назад.
Зголеменото користење на јавниот превоз во ударните периоди од денот ќе придонесе за:
Значително намалување на сообраќајниот метеж;
Намалување на учеството на возилата во вкупниот % на патувања во градот,
Драстично намалување на загадувањето кое доаѓа од возилата.
Оваа значајна мерка ќе се реализира преку соодветен систем на електронски картици, кои прецизно ќе го регистрираат искористувањето на истата.
Мерката ќе се реализира под мотото: „Јавниот превоз се враќа во мода“.