Oд целосно обработените податоци од Државната изборна комисија (ДИК), на Локалните избори во првиот круг избрани се 29 градоначалници.
Според досега објавените податоци, ВМРО-ДПМНЕ победи во 17 општини, СДСМ во 9, ДУИ во 3.
Засега е извесно дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победи во првиот круг во Бутел со освоени 52,79 отсто од гласовите, Гази Баба и Кисела Вода. Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ победија и во Босилово, Виница, Градско, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Могоила, Негитино, Новаци, Петровец, Свети Николе, Сопиште. ВМРО-ДПМНЕ убедливо води и во Аеродром и Ѓорче Петров, но засега во овие скопски општини резултатите не се 100 посто обработени.
СДСМ победи во првиот круг во Струмица, Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Дојран, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево.
Во општина Арачиново ќе има втор круг каде ќе се судрат кандидатот на ДУИ кој освои 44,23 отсто од гласовите, и на СДСМ и коалицијата, со освоени 39,14 отсто. Втор круг ќе има и во Куманово, Битола, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Дебрца, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Маврово и Ростуше, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Чашка и Чешиново Облешево.
Во Липково победи кандидатот на ДУИ Еркан Арифи, ДУИ победи и во Пласница, Сарај.
За Град Скопје, засега се обработени 92,55 отсто од гласовите. Според нив, Данела Арсовска која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ е во предност пред Петре Шилегов од СДСМ, со 37,27 отсто, наспроти 34,73 проценти.