Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска денеска во Скопје во СРЦ „Борис Трајковски“ присуствуваа на отворањето на Централниот Меморијален турнир што традиционално го организира Здружението на членовите на загинатите припадници на вооружените сили „Херои на Македонија 2001-2015“.
Изјава на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски:
Дозволете ми во оваа пригода, со чувство на искрена благодарност што повторно имам можност денеска, како и претходните години, да бидам дел од овој традиционален 18. Меморијален спортски турнир, натпревар мотивиран од благородната идеја за сеќавање на нашите загинати бранители – припадници на Министерствата за внатрешни работи и за одбрана, да го истакнам следново:
Една од вредностите што нѐ зближува, нѐ облагородува морално и човечки – е традицијата, во којашто, меѓу другото, е вткаена колективната меморија за она што е доблесно, значајно, што ни е блиско и бесмртно… Во тој контекст и оваа Меморијална спортска манифестација ја има истата возвишена цел – собирајќи нѐ заедно, постојано да нѐ потсетува на сите наши драги колеги и пријатели, на нивните ликови и возвишени дела во името на слободата на нашата држава и нејзините граѓани.
Со длабока почит кон сите наши загинати припадници на безбедносните институции на Република Северна Македонија, но и кон нивните најблиски, членовите на нивните семејства, чијашто загуба е ненадоместлива, испраќаме силна и важна порака – дека никогаш не смееме да заборавиме што им должиме на хероите, дека имаме јасна обврска постојано да целиме кон подоброто, кон човечното, искористувајќи ги најдобро можностите што ни се дадени, бездруго и благодарение на нашите бранители.
И во оваа прилика, во свое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи им оддавам почит на нашите загинати бранители и на нивните семејства, и сакам да го искажам своето лично, длабоко уверување дека спортскиот и меморијален дух на оваа наша традиционална манифестација, се наш влог со кој го исполнуваме заветот – споменот за нив вечно да живее.
Нека им е вечна слава на хероите!