25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шилегов од Чаир: Скопје е град за сите, рамномерно ги развиваме сите скопски општини

– Скопје е град за сите. Во изминатите години Скопје за прв пат по повеќе децении се развива рамномерно во сите општини, во секоја населба, во секое маало. Затоа во Чаир во изминатите 4 години во развојот на инфраструктурата вложивме многу. За нас не постојат важи и помалку важни општини. За нас не постојат важни и помалку важни луѓе. Секој човек е важен и секоја општина е важна, со овие зборови градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов ја започна денешната прес-конференција.

– Основен приоритет на кој Град Скопје е посветен во моментов е изработката на проектната документација за реконструкцијата и изведбата на бул. Цветан Димов, на потегот од крстосницата со ул. Џон Кенеди до крстосницата со бул. Никола Карев. Цветан Димов преминува во модерно булеварско решение со 6 коловозни ленти, по 3 во еден правец, тротоари, велосипедски патеки, средишно зеленило и ново осветлување по должината на целата траса од 1100 метри. Од особена важност е и фактот што на овој потег е предвидено да минува и втората траса на БРТ системот на брз автобуски превоз која ќе де движи од Бутел до Кисела Вода. Очекувам веќе следната година да влеземе во реализација на изведбата на овој дел од булеварот Цветан Димов, изјави Шилегов.

– Минатата година ја реконструиравме Џон Кенеди, на потегот од бул. Македонско-косовска бригада до бул. Х.Т. Карпош. Оваа улица се наоѓа во срцето на Чаир е една од главните и најфреквентните сообраќајници во општината. Тука извршивме реконструкција на коловозот и велосипедските патеки со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници во вкупна должина на трасата од 1123 метри. Со изведбата на Цветан Димов и реконструкцијата на Џон Кенеди конечно добиваме две важни нови велосипедски рути кои водат кон централното градско подрачје, додаде Шилегов.

– Изминатите 4 години ги реконструиравме и булеварите Никола Карев и Крсте Петков Мисирков, улиците Македонско-косовска бригада, Втора македонска бригада и Кемал Сејфула каде што изградивме нов кружен тек. Новите и реконструираните сообраќајници ги облагородивме со прекрасно булеварско зеленило и модерно ЛЕД осветлување. Недостатокот од тротоари и велосипедски патеки во оваа општина го надоместивме со изградбата на околу 10 километри нови велосипедски патеки и околу 6 километри нови тротоари, нагласи Шилегов.

– Заедно со Општина Чаир, после 4 години посветена работа дојдовме до решение кое подразбира еден систематски пристап во справувањето со недостатокот на паркинзи во оваа општина. Во Чаир се наоѓаат најстарите населби во нашето Скопје кои во инфраструктурна смисла сè уште имаат задржано елементи од стариот урбанизам кога не постоеле ниту автомобилите, ниту проблемот со нивното паркирање, порача Шилегов.

– Се радувам што со развојот на сообраќајната инфраструктура во северниот дел од градот создаваме услови кои директно ќе влијаат на ја зголемување на мобилноста на жителите на овие скопски општини, што индиректно ќе влијае и на подобрувањето на локалниот економски развој. Придобивките од нашите заложби во овој дел во изминатите 4 години граѓаните веќе почнаа да ги чувствуваат и поздравуваат што особено ме радува од причина што тоа на некој начин е реализација на нашата визија за Скопје како град за сите жители кои во него го основале својот дом, заклучи Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.