26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шилегов од Карпош: Секој ден во неделата бесплатен јавен превоз за пензионерите

Изминативе 4 години на Карпош му посветивме големо внимание, истакна кандидатот на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов во рамките на изборниот караван „Најдоброто за мојата општина“.

Од реализираните проекти во патната инфраструктура, Шилегов го издвои реконструкцијата на булеварите Партизанска од 8-ми септември до кружниот тек во Ѓорче Петров и 8-ми септември од Илинденска до Скупи, а целосно се реконструирани улиците Лондонска, Љубљанска, Московска, Брадфордска, Никола Парапунов и Ацо Шопов.

Ја градиме Клучката на Момин Поток, на раскрсницата каде по огромни гужви поминуваат 25 до 30.000 возила дневно истакна Шилегов, додавајќи дека таков сложен сообраќаен зафат во Скопје не е направен со децении наназад.

Тој прецизираше дека раскрсницата што спојува четири општини, го добива најмодерното и најсофтицираното сообраќајно решение било кога изработено во урбана средина во Македонија.

Градиме издигнат булевар на 9 метри, со кружен тек во ридот кај касарната, со којшто овозможуваме анулирање на семафорската сигнализација и движење без застој на сите видови сообраќај, а таму за прв пат ќе изградиме велосипедски мост, вело патеки мора да има како составен дел од сите идни сообраќајни решенија во градот, најави Шилегов.

Тој додаде дека со оваа клучка и клучката и пробивањето на бул. Словенија до Волково и пробивањето на Хасан Приштина до обиколница во правец на Косово, целосно го решаваме на долг рок сообраќајот во овој дел од градот.

Мостот на ул. Љубљанска е вториот од двата моста кои ги започнавме за само еден мандат. Мостовите ги приближуваат луѓето, овој мост ја олеснува комуникацијата на жителите од Карпош 3 и 4 со жителите на Бардовци и Злокуќани, рече Шилегов, додавајќи дека со изведбата на првата траса на БРТ системот на брз автобуски превоз, одново ќе биде изграден и мостот Обединети нации, кој ќе биде и поширок и побезбеден за сообраќај.

Паркот во Карпош 4 наредната година станува реалност за карпошани, ова ќе биде третиот дел од Градскиот парк и ќе го споиме градскиот парк до изворите на Лепенец, најави Шилегов, додавајќи дека, во Карпош се подигнати над 43.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 2,300 садници, доби и два нови урбани скверови со повеќе зеленило и содржини за одмор и релаксација, еден кај објектот на Пожарната во Тафталиџе, а другиот кај гимназијата Орце Николов.

Тој најави бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата, а не само во вторник и петок, со што се запираат гужвите во работните денови во градските автобуси за луѓето кои одат на работа или на училиште.

Исто така овозможуваме бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот. За поголема самостојност и независно функционирање, обезбедуваме ефикасен, безбеден и бесплатен транспорт за нив, рече Шилегов и најави и бесплатен јавен градски превоз и за лицата со ретки болести.

Вие сте сила која е гаранција дека Скопје нема да запре, вие сте гаранција дека ќе го градиме Скопје какво што вие сакате, им порача сегашниот и иден градоначалник на Скопје Петре Шилегов на граѓаните и ги повика на масовно гласање на 17 октомври, за победа во прв круг на бројот 12 за советничката листа на Карпош предводена од Марин Докузовски, за градоначалникот Душко Весовски, за советничката листа на град Скопје предводена од Софија Пејкова и за градоначалникот Петре Шилегов.