– Вечно нека трае споменот и одбележувањето на слободарското и државотворно востание со кое во меѓународната заедница на народите беше впишана државата Народна Федерална Република Македонија. Ние денеска длабоко се поклонуваме пред овој историски чин. На овој ден 16-мина младинци, партизани од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го нападнаа полицискиот участок на тогашните фашистички окупаторски сили и ги прекинаа телефонските и електричните врски со градот. Овие млади луѓе, заедно со нивните другари од Куманово презедоа храбри акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и човечки правдини, порача премиерот Зоран Заев во обраќањето по повод Денот на народното востание оддржан вечерва.
– Овие млади луѓе не се штедеа себеси – ниту својата младост, ниту своите животи. Останаа записите на тогашниот окупаторски воен суд во кој е запишано дека напаѓачите располагале со околу дваесет пушки и со неколку бомби. Со 300 до 400 куршуми, со леб и со други намирници.
Ете тоа е запишано во прецизните судски записи, но, не е запишано најсилното оружје кое што го поседувале овие грст млади луѓе: Силниот порив, силната волја и одлучност, да се кренат против фашистичките окупаторски војски. Да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава, рече премиерот Зоран Заев.
– Сопствениот живот го направија оружје за таа идеја, затоа што знаеја, затоа што видоа, затоа што препознаа, дека слободата, правдината и државата се на чекор до остварување, додаде премиерот и рече:
– Затоа што го почувствуваа силно во своите срца, повикот на нивните слободољубиви претходници, учители, преродбеници, револуционери, гемиџии и државотворци, дека нивната генерација е предодредена да го дочека раѓањето на новото сонце на слободата.
На крилата на тие дела, на илјадниците животи и на нивните завети се крена народно-ослободителната борба, се организираше партизанското движење и народниот отпор.
Во име на должната почит, инспирација и восхит за нивните револуциоанерни и слободарскки дела, нашите ослободители од народно-ослободителната војна ги именуваа партизански одреди со имињата на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански.
Ги опеваа нивните имиња во борбената песна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ и го вееја знамето на Крушевската Република за ослободување на Македонија, за создавање на државата и за изградба на општество достојно на вредностите на прогресивните, демократски, антифашистички сојузнички сили на епохата.
Тоа е Епохата од која 11 Октомври – Денот на народното востание, е врежан со златни букви во колективната меморија на нашиот народ.
Големо дело. Дело кое ги вивна вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава. Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое ја создаде државноста на нашата земја преку победата над фашизмот. Заедничката победа на прогресивните народи на Европа и Светот.
За сето ова беше поднесена огромна жртва. Втората светска војна на нашата територија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви.
Вечна им слава, почит и поклонение!, порача Заев.


