22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасени уште 149 граѓани од Авганистан за кои Северна Македонија обезбедува привремен престој

Република Северна Македонија останува посветена како дел од меѓународната хуманитарна акција за помош на граѓани од Авганистан кои во изминатиов период работеа на подобрување на човековите права, демократијата и мирот.

Доцна синоќа на Меѓународниот аеродром во Скопје пристигна нова група од 149 граѓани од Авганистан. Станува збор за стипендисти на Фондациите Отворено општество и граѓани кои работеа во меѓународните мисии за развој на демократијата во Авганистан, како и членови на нивните семејства.

Граѓаните ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.

По слетувањето доцна синоќа беше спроведена стандардна процедура, безбедносна проверка и заштита, медицинска поддршка, ПЦР тест и можност за вакцина.

Црвениот крст им подели хигиенски пакети и облека, а дополнително и за лицата кои претходно пристигнаа во Северна Македонија, Црениот крст дистрибуираше дополнителни средства за хигиена, зимска облека и обувки.

До сега во земјава пристигнаа вкупно 450 граѓани на Авганистан за кои институциите прават сé да се чувствуваат безбедно обезбедувајќи им ја целата потребна поддршка и помош во текот на нивниот привремен престој во Северна Македонија.