25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

РСБСП со апел: Внимателно и одговорно зад воланот за време  на продолжениот празничен викенд!

Претстојниот викенд во пресрет на 11 Октомври, е продолжен и празничен, и очекувано е да се користи за патување, излети во природа и дружење со семејството и пријателите. Дел од граѓаните ќе останат во своите домови, но некои граѓани ќе ја искористат оваа празнична можност да отпатуваат во викенд куќи или хотели, да се упатат кон некој од многуте туристички центри или на прошетка во планина, покрај езеро и сл.

РСБСП потсетува дека искуствата од минатите години покажуваат дека за време на празници, особено за време на продолжен викенд, многу често се случуваат сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици.

РСБСП потсетува дека сообраќајот не е место каде што треба да се троши вишокот на адреналин. Последиците и загубите од сообраќајните незгоди се премногу сериозни, честопати фатални и ненадоместливи, за да може кој било да си дозволи неодговорно однесување во сообраќајот. Затоа, апелираме на етичност и одговорност, како и на максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници во сообраќајот.

Во сообраќајот нема мали и големи грешки. Секое неправилно однесување во сообраќајот може да заврши со сериозни последици. Бидете одговорни учесници во сообраќајот и на тој начин придонесете доброто празнично расположение да трае и после одбележувањето на празниците. Преземете мерки за ваша и сигурност на другите учесници во сообраќајот. Безбедното одвивање на сообраќајот зависи од сите нас поединечно, од нашите лични одлуки и дејствијата кои ги преземаме.

Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира:

  • Возете одговорно и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи  и поставената сообраќајна сигнализација.
  • Задолжително ставете сигурносен појас.
  • Не управувајте со моторно возило ако сте под дејство на алкохол.
  • Почитувајте ги правилата за ограничување на брзината.
  • Доколку сте се упатиле на подолг пат, правете паузи за време на патувањето.
  • Бидете совесни и одговорни учесници во сообраќајот.

 

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ви посакува  весел и безбеден продолжен празничен викенд.

#ВОЗИОДГОВОРНО!